За оваа 2022 година НУ Центар за култура „Григор Прличев“ планира континуирано прикажување на филмската и театарска програма. Секоја среда и четврток „Одиме на кино“, а пак крајот на работната недела, почнувајќи од 4 февруари e резервиран за театар под мотото „Петок за театар“, посочуваат од НУЦК „Григор Прличев“.
Изминатата година беше јубилејна 10 годишнина од повторното возобновување на Охридскиот театар по пауза од 56 години. Поради актуелната пандемија немаше одбележување на јубилејот, а театарот ја заокружи годината со три премиери одиграни на охридските театарски штици. Беа поставени претставите „Сирано“ во режија на Ѓорги Ризевски, „Крик за љубов“ во режија Љупчо Ѓоргиевски и „Дух“ во режија Сашо Миленковски.
Ансамблот на Охридскиот театар ја заокружи 2021 година и со значајни успеси, токму поради изведбите на поставената „Крик за љубов“. Од установата велат дека се уште не е објавена годинашната програма од Министерството за култура за претстојната 2022 година, но како и минатата, очекувањата се да добијат три театарски проекти.
На матичната сцена редовно секој петок се прикажуваа претстави од репетроарот со намален обем од 30 или 50 проценти од вкупниот број на седишта согласно актуелните протоколи за заштита од Ковид 19. Истакнуваме дека Охридскиот театар имаше успешно претставување на меѓународниот „Фестивал Охридско лето“ со претставата „Крик за љубов“. Со истоимената претстава учествувавме и на театарскиот фестивал “Војдан Чернодрински“ во Прилеп каде нашиот актер Горан Стојаноски ја освои наградата за најдобра машка споредна улога, велат од НУЦК „Григор Прличев“
Во изминатите месеци во Центарот за култура, охриѓани можеа да присуствуваат и на кино-проекции. Намалениот број на филмски проекции во изминатите години се должи на немање соодветна опрема. Сепак, најавите се дека проекции под мотото „Одиме на кино“ ќе има и во 2022 година.
Кино репертоарот за жал последните години е со послаб интензитет исклучиво заради немaње современа DCP (digital cinema package) опрема поради што не сме во можност да ги прикажуваме актуелните светски филмски остварувања. Сепак, изминатите месеци имавме можност да прикажуваме филмови пред се од Европска продукција и македонски филмови. Оваа година продолжуваме со филмскиот репертоар: Секоја среда и четврток „Одиме на кино“, посочуваат од НУЦК „Григор Прличев“.
Од Центарот за култура додаваат дека за годинава е планирана поблиска соработка со Кинотека на Македонија со цел, дисперзирање на филмските ревии кои се прикажуваат кај нив, на кино платното при НУЦК „Григор Прличев“.
К.А.













