Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, денеска оствари средба со претседателот на Демократската партија на Албанците Мендух Тачи.

На средбата, прва по пет години, станало збор за претстојното локални избори и за процесот на европска и евроатлантска интеграција на Република Македонија.

Како што информираше владината прес служба, соговорниците ги истакначе своите заложби и посветеноста за организирање и спроведување на фер, слободни и демократски локални избори, за која цел, како што стои во соопштението, ќе бидат обезбедени сите потребни услови и применети високите стандарди. Соговорниците се согласиле дека одржувањето на локалните избори во демократска атмосфера и амбиент, и почитувањето на стандардите и процедурите од страна на сите учесници во локалните избори е обврска на секој политички субјект, а позитивните оценки за нивното спроведување од страна на субјектите ќе биде од значење за европската и евроатлантска интеграција на нашата земја.

Двајцата соговорници разговарале и за европската и евроатлантска интеграција на Република Македонија. Премиерот Груевски ги истакнал реформите кои се спроведуваат за достигнување на европските стандарди, се осврнал и на  Пристапниот дијалог на високо ниво со Европската Унија, и на посветеноста и одговорноста за надминување на отвореното прашање со Република Грција.

Соговорниците констатирале дека интеграцијата на Република Македонија во НАТО и Европската Унија е стратешка определба кон која сите субјекти треба да придонесат со посветен, конструктивен и одговорен однос.

OhridNews