Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оставри средба со Н.Е. Кетрин Ештон, Висок претставник за надворешни работи и безбедносна политика на Европската унија и потпретседател на Европската комисија.

На средбата, беа разменети мислења и информации за евроинтеграциите на Република Македонија – тековниот реформски процес, пролетниот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија и  очекувањата од претстојниот Самит на ЕУ, соопшти Кабинетот на претседателот Иванов.

Претседателот Иванов ги поздрави и изрази задоволство од оценките од  Извештајот на Европската комисија, истакнувајќи дека континуирано испорачувајќи резултати, Република Македонија заслужува да добие позитивна одлука на јунскиот Совет.

„И покрај политичките предизвици со кои се соочивме, постигнавме добри резултати во сите области на кои се однесува пролетниот Извештај, континуирано сме посветени на реформските процеси во клучните области, на промоцијата на добрососедските односи со сите наши соседи, и конструктивно учествуваме во напорите за надминување на отворените билатерални прашања”, истакна претседателот Иванов потсетувајќи дека заклучоците на Советот од минатиот декември го трасираа патот за можна одлука за почеток на преговори со Република Македонија во јуни оваа година.

Во овој контекст,  македонскиот претседател уште еднаш апелираше за поддршка од земјите – членки на ЕУ,  за добивање датум за почеток на преговори. „Тоа ќе биде дополнителен стимул за земјата уште повеќе да се фокусира на исполнување на европската агенда, а со тоа ќе се врати довербата на граѓаните во институциите на ЕУ и нејзиниот кредибилитет”, посочи претседателот Иванов.

Македонскиот претседател истакна дека Република Македонија високо го цени ангажманот на високиот претставник на ЕУ Ештон и на Европската комисија за продолжување на процесот на проширување на Унијата со земјите од Балканот, посочувајќи дека интеграцискиот процес е клучен за надминување на предизвиците и недоразбирањата во регионот.

Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика Ештон, истакна дека од корист за сите е доколку продолжи интегративниот процес и дека силно ги подржува и охрабрува реформските процеси во нашата земја. Двајцата соговорници позитивно го оценија Извештајот на Комисијата и се согласија за влијанието на европското обединување и интеграцијата за земјите од Западен Балкан илустрирано преку визијата на претседателот Иванов за Пакс Еуропеана.

Притоа, на средбата беа разменети мислења за актуелните случувањата во соседството и регионот,  како и за придонесот на Република Македонија во унапредување на добрососедските односи и на регионалната соработка, се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателот Иванов.

OhridNews