Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов попладнево во вилата Билјана, по втор пат ги прими лидерите на младинските организации на политичките партии, кои присуствуваа на првата средба со Претседателот во пресрет на предвремените парламентарни избори, одржани во јуни 2011.
 
Иницијативата за повторно среќавање беше покрената уште при првиот разговор, кога Претседателот Иванов ги повика младите лидери да го развиваат политичкиот дијалог и активно да придонесат во спроведувањето фер, демократски и мирни избори без насилство и изборни инциденти.


 
Целта на втората средба со претставниците на партиските подмладоци беше, пред сè, да се даде заедничка оценка за начинот на кој беа спроведени изборите и како младите политички лидери придонесоа кон нивната успешност. Тие на Претседателот Иванов му ги презентираа своите искуства од текот на предизборната кампања, предизвиците со кои се соочувале на терен, како и нивниот општ впечаток за изборниот процес.


 
Во демократијата изборите доаѓаат и поминуваат, и тие ги легитимираат оние кои ја преземаат одговорноста за државата. Сите ние треба да учествуваме во афирмирање и промовирање на Република Македонија како држава во која живеат и дејствуваат квалитетни, талентирани и кадарни млади луѓе, кои поседуваат голем капацитет и потенцијал и кои се спремни да ја преземат одговорноста за иднината на својата татковина во свои раце со практикување на јавна пристојност,“ изјави Претседателот Иванов.

Тој воедно нагласи дека младата и отворена политичка мисла, која стреми кон подобрувања и промени клучни за демократската и политичка стабилност и развој на Република Македонија, секогаш ќе ја има неговата полна поддршка.

OhridNews