Психолошките механизми кои стојат во основа на реакциите на лажните вести на кои сме секојдневно изложени се главна тема на Еразмус+ проектот на охридската гимназија, каде таа е учесник покрај седум други земји, со Франција како носител на проектот.

Деновиве во Охрид беше одржана трета интернационална средба во рамки на проектот и одлична прилика за вмрежување со искусни европски проект менаџери, вели Алберта Гулицовска, проект координатор.

Како помош во борба против лажните вести, подготвен е и онлајн прирачник за наставници кој би требало да се користи како дополна на редовната школска програма. Акцент е на поттикнувањето на критичкото и исчекор од линеарното кон креативното, латерално мислење со испревртен редослед на настаните, користење на елементи на гејмификација и активирање на интринзичката мотивација која не е базирана на надворешни награди и затоа многу поефикасна, вели Гулицовска.

Додава дека прирачникот е изработен на девет јазици, покрај англиската верзија, тука се и јазици на осумте нации кои се вклучени во проектот.

Следува изработка на видеа со практични вежби, кои потоа ќе бидат користени за време на онлајн курсевите кои ќе се изведуваат во рамки на проектот. За целта на проектот е креиран и психолошки тест зададен на неколку стотици средношколци од Франција, Италија, Шпанија, Португалија, Романија, Русија, Турција и Македонија, додава Гулицовска.

OhridNews