Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на 76. Генерално собрание на Обединетите нации, во Њујорк оствари средба со Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.

На средбата беа разменети мислења за севкупните активности на Република Северна Македонија во рамки на Обединетите нации, како и за улогата на организацијата во справувањето со глобалните прашања.

Во тој контекст, генералниот секретар Гутереш оддаде признание за покажаната солидарност од страна на Република Северна Македонија со вклучувањето во глобалната хуманитарна акција за привремено прифаќање на граѓани од Авганистан.

На средбата беше истакната важноста на Преспанскиот договор, склучен под покровителство на Обединетите нации, како пример дека и најкомлексните отворени прашања може да се разрешат доколку за тоа постои политичка волја и силно лидерство.

Двајцата соговорници разменија мислења и информации за актуелната состојба во однос на европската перспектива на државата, вклучувајќи го отвореното прашање со Република Бугарија. Двајцата соговорници констатираа дека деблокадата на евроинтегративниот процес е од интерес за стабилноста и просперитетот на регионот и на Европа во целина.

Вчера претседателот имаше обраќање на Генералната дебата на 76. Сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, во кое се осврна на безбедноста на глобално ниво, климатските промени кои се случуваат на целата планета, како и важноста од постигнување на родова еднаквост, како и справување со високиот праг на сиромаштија.

Реалноста, денес, е дека нашиот свет е далеку од безбедно место за живеење. Конфликтите низ целата планета, активни или замрзнати, тероризмот, хибридните закани, продолжуваат да ги загрозуваат нашиот мир и начинот на живеење. Тие продолжуваат да ги загрозуваат човековите права и слободи, предизвикувајќи хуманитарни катастрофи и бранови бегалци. Особено сме загрижени од последниот развој на настаните во Авганистан. Ја споделуваме загриженоста на многу лидери, вклучувајќи го и генералниот секретар на Обединетите нации, кој предупреди дека светот се соочува со уште една хуманитарна катастрофа и повика на помош, здружени напори и солидарност.

Претседателот се осврна и на договорот со Грција, кој се случи со посредство на Обединетите нации и ја потенцираше способноста на државава во тој контекс да решава важни и сложени прашања.

Ефектите од Преспанскиот договор кој сега се спроведува, со добра волја, ќе биде од корист и за нашите земји и за регионот во целина. Пендаровски истакна дека потврдувајќи ги нашите претходни заложби, Северна Македонија останува посветена на Парискиот договор, додека во исто време го зголемува националниот придонес инкорпориран во националните закони, политики и регулаторни мерки. Со голема надеж го очекуваме претстојниот Самит за климатски промени ‒ COP 26 во Глазгов, сметајќи го за една од клучните фази во нашите заеднички напори, да го обновиме единствениот дом што го имаме ‒ нашата планета Земја.

 

OhridNews