Средбата на премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, е од големо значење и за поместување на евроинтеграциските процеси на Република Македонија, и ги прави многу пореални очекувањата дека 2018 година може да биде историска година за Македонија, за регионот и за ЕУ. Ова било истакнато на средбата помеѓу македонскиот премиер Зоран Заев и комесарот за односи со соседите и за проширување на ЕК, Јоханес Хан, што се одржа денеска на маргините на економскиот фирум во Давос, Швајцарија.

Комесарот за односи со соседите и за проширување на ЕК, Јоханес Хан, му го пренел на премиерот Заев и непосредно неговиот став за средбата со Ципрас искажан веднаш после настанот на социјалните мрежи и подвлекол дека средбата е многу добра вест, која покажува храброст, визија и државништво, и дека решавање на долгогодишниот спор ќе биде добро за двете земји, регионот и Европа.

Премиерот Заев на средбата нагласил дека средбата е значајна и за охрабрување на имплементацијата на отпочнатите одржливи реформи во Република Македонија, и дека ја потврдува политичката волја на Владата да ги затвора долготрајните отворени прашања со соседните земји, да ја поттикнува регионалната динамика и да биде веродостоен партнер на своите меѓународни пријатели паралелно со секојдневните остварувања и на домашната општествена сцена.

OhridNews