Претседателот на македонската Влада Зоран Заев денеска во Њујорк, за време на Генералното собрание на ОН, оствари средба со претседателот на Владата на Грција Кирјакос Мицотакис.

На средбата премиерот Заев истакнал дека Владата е максимално фокусирана на конструктивен пристап во градењето меѓусебно партнерство засновано врз пријателство и заеднички интерес за просперитетен регион во интерес на граѓаните на двете земји, пренесува владината прес служба.

Премиерот Заев нагласил дека Владата е подготвена за целосно спроведување на Акциониот план за интензивирање и збогатување на соработката меѓу двете земји, како што е предвидено со Договорот од Преспа, за кој потенцирал дека е историски чекор и значаен договор за градење добрососедство, поблиска соработка и конструктивни и позитивни односи меѓу двете земји. Заев на средбата истакнал дека за почит е фактот што Грција беше првата земја-членка на НАТО што го ратификува Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО во постапката за полноправно членство која ќе биде финализирана наскоро.

На средбата со грчкиот премиер Мицотакис, премиерот Заев информирал за напорите за зајакнување на спроведувањето на тековните реформи со цел да се отвори простор за почеток на преговорите за влез во ЕУ за што се очекува позитивна одлука во октомври годинава.

Била изразена поддршка од страна на грчкиот премиер за отварање на преговори со ЕУ и било потенцирано дека доследната и навремена имплементација на Договорот од Преспа е клучна за унапредување на односите и обезбедување на европската перспектива на земјата.

На средбата било заклучено дека унапредувањето на економската соработка, зголемувањето на трговската размена и директните инвестиции се од взаемна корист за сите граѓани од двете држави, соопшти владата.

OheridNews
фото: влада.мк