“Дали сакаш да ти дадам дрога”? Ова е прашањето кое тројца тинејџери им го поставувале на основци во дворот на едно од училиштата во Охрид.

Родителите, иако подолг период меѓусебно ги прераскажуваат овие случки и се видно вознемирени за безбедноста на своите деца, до сега не ги информирале надлежните во училиштето, ниту пак полицијата. “ Поедноставно ни е сами да ги носиме и пречекуваме децата од училиште, од колку да ги алармираме надлежните. Oднапред знаеме каков одговор ќе ни дадат- дека немаат пари за дополнително обезбедување на школските дворови“, коментираат тие.

Директорот на училиштето признава дека безбедноста не е на ниво кое што се посакува и е далеку од она во образовните установи во западноевропските земји. “ Правиме колку што можеме децата да се безбедни во кругот на училиштето. Сепак, станува збор за голем двор,  со три влеза, при што е невозможно да се контролира кој се влегува и се движи во него. До 21 часот тука се нашите вработени, а потоа имаме ангажирано чувари. На средбите со претставниците од СВР укажуваме на потреба и од нивно поактивно присуство”, потенцира првиот човек на ова основно училиште.

Митре Велјаноски од Секторот за образование при Локалната самоуправа посочува дека преку ден, за безбедноста на учениците одговорни се полицијата и вработените во школото.

– Општина Охрид сеуште се наоѓа во првата фаза од процесот на децентрализација. Со тоа, нашите ингеренции во образованието се ограничени. Во нив спаѓаат и оние кои се однесуваат на безбедноста на училиштата и учениците објаснува Велјаноски и додава: “ Она што е во наша надлежност е одржувањето на објектите. Во план е поставување на нови огради околу училиштата, кои ќе ја зголемат безбедноста. Засега, не е предвидено ангажирање на Агенции за обезбедување поради големите трошоци кои би произлегле”

Во дел од школите веќе се поставени сигурносни камери, но очигледно е дека ниту тие не ја гарантираат целосната безбедност на учениците.  Потврда за тоа е и  настанот од пред неколку месеци, кога во дворот  од друго основно училиште обезбедено со камери, влегле двајца наркозависници и пред очите на основците користеле опојни дроги. Надлежните веднаш ја повикале полицијата која ги привела наркозависниците.

Од СВР Охрид велат дека нивни екипи составени од вработени во униформа, но и во цивилна облека, 24 часа дневно патролираат околу училиштата во градот.

– Поведени од се поголемот број на наркозависници во градов, веќе две години го реализираме проектот “ Дрога, вистина, заблуди”, преку кој вршиме едукација на учениците и родителите за негативните последици од користење на опојни дроги.- објаснува потпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

За разлика од Охрид, во неколку градови низ земјава, за безбедноста на учениците во и околу школите се грижат Агенции за обезбедување чии услуги ги плаќаат родителите. Во голем број земји пак во светот, во училишниот круг забрането е влегување дури и на родители. За тоа, мора претходно да биде обезбедена специјална дозвола издадена од страна на училиштето.

Т. Кувенџиска