Во трите средни училишта во општина Охрид, реализирани се 16 работилници според однапред подготвени модули, од страна на четири врснички едукаторки. На работилниците, на кои преку презентации и специфични вежби и игри беа споделени информации за меѓукултурниот дијалог, беа опфатени 389 млади.
На работилниците се обработуваа теми поврзани со меѓукултурен дијалог со цел подобрување на комуникацијата помеѓу младите кои живеат во мултиетничко општество, во насока на надминување на стереотипите и предрасудите кои ги имаат едни за други.
– Истовремено, преку работилниците се придонесе кон надминување на културните разлики, нетолеранцијата помеѓу младите од различна етничка припадност, а се промовираше пријателството и градењето на мултиетничкиот соживот, информираат од МСО.
Втората фаза од проектот предвидува и конкурс за избор на најдобри ликовни творби на тема „Меѓукултурен дијалог“ кој е во тек, а најдобрите ликовни творби ќе бидат објавени во електронски каталог кој ќе биде промовиран во сите средни училишта вклучени во проектот.
Проектот „Промовирање на меѓукултурниот дијалог помеѓу младите во Македонија“, е дел од годишната програма на Коалиција СЕГА за 2012 година, финансирана со програмата ЦИВИЦА Мобилитас, имплементирана од ЦИРа и финансирана од СДЦ.