Лајонс клубот „Лихнидос“ беше организатор на еден од најдобрите поп – рок концерти ова лето во Охрид, на кој настапи култната група од Белград „Неверне Бебе“. 

Настанот се одржа минатата недела во Кадмо бар, а дел од собраните средства на концертот беа наменети за хуманитарни цели, овој пат за нега на момче кое пред неколку години при незгоден скок во водите на Охридското Езеро остана парализирано. Синоќа, во пригодна атмосфера, претседателот на клубот Људмил Цветаноски додели 60.000 денари на семејството за нега на момчето кое страда од квадриплегија. 

“Не можеме да го спасиме светот, ниту пак да го вратиме здравјето на Боки, но се трудиме барем малку да му го олесниме животот.” – изјави Цветаноски. Во име на клубот тој јавно се заблагодари на сопствениците на Кадмо, помагателите „Далвина“ и „Горска“, како и на сите лица ангажирани во реализацијата на концертот.

Покрај многубројната публика, кон акцијата на ЛК „Лихнидос“ со лични прилози се приклучија и повеќе индивидуалци и јавни личности од Охрид, меѓу кои пратеникот Томислав Тунтев и советникот Дејан Пановски.

OhridNews