
Со својот ангелски глас стана поп икона на денешницата, неговата популарност се прошири со огромна брзина и во времето кога требаше светот да чуе за него, неговиот млад живот згасна во кобното утро на 16 октомври кај Нова Градишка.
Велат дека секоја земја еднаш на сто години раѓа по еден херој. По хероите од Илинденското востание, по стотина години Крушево, највисокиот град на Балканот, роди нов херој. И Тоше како и Крушево беше највисоко, над сите, со своите доблести, во својот живот и кариерата немаше ни едно петно. Во срцето ја носеше Македонија и секогаш повторуваше: Сите ве сакам. Во својот краток живот безрезервно се даваше себеси, помагаше, секаде стигнуваше каде беше потребен, направи толку добри дела како за три човечки животи. Во десетгодишната музичка кариера испеа безброј хитови, пред него беше светска кариера, го нарекуваа втор Павароти. Со неговото заминување светот остана посиромашен за многу неиспеани песни и еден вонсериски глас. Се повтори проклетата македонска судбина: македонските херои умираат млади, без да остават потомство.
Да беше жив Тоше денес ќе го славеше 27-миот роденден. Во негова чест во секоја од годините што доаѓаат ќе го славиме ние, живеејќи со споменот на неговата музика и учејќи ги генерациите што доаѓаат за неговото дело. Тоше е сега на небото, меѓу ѕвездите, пее со ангелските хорови. А нам ни го остави највредното и единственото што останува по човекот-ЉУБОВТА, безусловна, беспросторна и безврменска.
Јасминка Т. Момироска











