Членовите на Здружението на Србите од Охрид „ Коштана“ кои годинава одбележуваат десет годишен јубилеј од формирањето на здружението, денес традиционално, со пригодна свеченост во ресторанот „ Белведере“, го прославија празникот Свети Сава.

Се вртеше погача, се делеше варена пченица, а неизоставен дел од прославата беше и богатата трпеза.

– Веќе девет години како свештеник од македонската православна црква доаѓам да го извршам црковниот обред и благословувањето на славскиот колач. Им го честитам празникот на сите Срби кои тука живеат, како црква даваме поддршка на здружението и се надевам дека и во иднина ќе продолжи соработката меѓу македонската православна црква и српското здружение „Коштана“,  вели Отец Сашо Ристески, Парох при храмот „Свети Никола“ во Долна влашка маала.  

Претседателот на Српското друштво „Коштана“ од Охрид , Сречко Стојановиќ, на сите православни верници им го честита големиот српски верски празник, посакувајќи уште многу години да се слави во добро здравје и расположение.

Во Охрид се евидентирани околу 700 припадници на српската заедница и 320 членови на здружението „ Коштана“ .