„Орка холдинг“ продаде 50 % од уделот кој го поседува во „Графички центар Скопје“  на компанијата „ Internet Group“ од Србија. Компанијата  „ Internet Group“ е сопственик на електронскиот портал – Телеграф (www.telegraf.rs), портал со најголем раст и рејтинг во Југоисточна Европа кој месечно достигнува посетеност од преку 5 милиони читатели, преку 16 милиони отворени страници и преку 150 000 читатели од Македонија.

-Уште при самото купување на групацијата „Медиа принт Македонија“ од „Ост холдинг“, компанијата  „Орка холдинг“  најави дека преговара со стратешки партнери од регионот за влез во делот од компанијата. По влезот на „Орка холдинг“ во МПМ групацијата, главен приоритет на компанијата беше изготвување на комплетно нова стратегија за електронските изданија на четирите дневни весници (Вест, Утрински весник, Дневник и Македонски спорт) и неделникот „Теа модерна“, како и отворање на нов независен портал со комплетно независна редакција со работно време од 24 часа секој ден во неделата, информираат од „Орка холдинг“.

МПМ  е 100 %  сопственик на компаниите „Круг“,  „Огледало“,  „Планет прес “ и  „Македонски спорт“ кои што се во фаза на спојување во една компанија под името „Телеграф МКД“ која ќе се занимава со електронската платформа на сите печатени списанија на групацијата МПМ и нивните електронски верзии. „Телеграф МКД“ ќе го основа и првиот интерактивен портал – Телеграф МКД по примерот на светските модерни интернет портали, кој ќе биде единствениот портал во Македонија составен од независна редакција од 50 новинари која ќе биде активна 24 часа секој ден во неделата. Новиот веб портал – Телеграф МКД со најсовремена платформа досега кај нас, ќе биде достапен во три електронски изданија: на македонски, албански и англиски јазик“-се вели во соопштението.

OhridNews