Српските туристи кои ова лето планираат да одмараат на охридското крајбрежје, ќе може да допатуваат со чартер авионот, што сезонски ќе сообраќа од Белград до Охрид. Според најавите на туристичките работници овој чартер лет,  најверојатно ќе стартува во јуни и ќе доаѓа два пати неделно.

-Доколку бројот на летови на оваа релација се реализира со полн капацитет, тогаш со сигурност може да очекуваме многу гости од Србија. Причина плус за  успех на овие сезонски летови е и ниската цена на билетот, кој изнесува околу 90 евра по лице, велат туристичките оператори од Охрид.

И од Секторот за туризам и локален економски развој, при Општина Охрид се надеваат дека чартер летовите од Белград ќе донесат голем број на туристи од Србија, кои според охриѓани се едни од најпосакуваните гости.

-На промотивните активности кои ги остваривме во Србија, годинава имаше неверојатна заинтересираност. Веќе има најави за резервации за шпицот на сезоната, а интерес за резервации пројавија и синдикатите на неколку поголеми  српски фирми, кои на своите членови или вработени би им овозможиле летување во Охрид , велат од општинскиот ТЛЕР.

OhridNews