Статистичките податоци за Македонија покажуваат дека срцево-садовите заболувања се водечка причина за смрт и кај нас.
Здебеленост, неправилна исхрана, пушење и физичка неактивност се водечки причини за болестите на срцето и мозочните удари кои можат да се забележат во се помлада возраст. Таквите нездрави навики и животен стил се се почести меѓу децата и адолесцентите. Токму тоа е период кога со навремени и соодветни постапки може да се насочи развојот на детето во зрела личност, одговорна за своето здравје, здравите животни стилови и со фактори на ризик сведени на најмала можна мерка.
Со цел подигање на нивото на свеста кај населението, особено кај младата популација за опасностите од срцево-садовите заболувања и мозочните удари, како и за значењето на здравиот начин на живеење за здраво срце, Црвен крст Охрид ја одбележува “Неделата на срцево-садови заболувања” од 21-28 февруари под мотото “СОЧУВАЈТЕ ГО ЗДРАВО ВАШЕТО СРЦЕ И КРВНИТЕ САДОВИ!”. Посебен акцент во активностите ќе биде ставен на вештината на укажување прва помош како безбедносна мерка при срцев напад и мозочен удар.
Во текот на Неделата на срцево-садови Црвениот крст Охрид ќе реалзира типизирани едукативни предавања во основните и средните училишт. Исто така ќе организира и јавно предавање за ризик факторите за болестите на срцето и крвните садови и презентација на техники за укажување на прва помош при срцев напад и мозочен удар, што ќе се одржи во просториите на – Црвен крст Охрид на 25.02.2010 (четврток), 19:00 ч. Во рамки на кампањата во соработка со Центарот за јавно здравје Охрид на плоштадот кај Чинарот во петок-26.02.2010, ќе биде организирана акција при што граѓаните ќе можат бесплатно да се прегледаат и да измерат крвен притисок, холестерол и шеќер во крвта.