Сопственици на пет станови од зграда на улица „Карпош Војвода“ изградена од АДГ „Трудбеник“, на кои поради нерешени односи на релација АДГ „Трудбеник“ и Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, им се заканува опасност да им бидат запленети становите, иако поседуваат релевантни документи дека становите се целосно или во најголем дел платени и се предани во нивно владение, бараат инвовлираните страни меѓусебно да го решат спорот согласно закон, a не на штета на граѓаните и да ја почитуваат приватната сопственост.
Тие велат дека нивните имоти се предмет на постапување од страна на извршител, кој спротивно на судска ослука, извршил попис на нивните станови.
-Иако поседувам документи за купување на станот, во текот на вчерашниот ден мојот имот е запечатен и сега ние сме на улица-изјави Руме Цветаноски, сопственик на стан во зградата на Трудбеник на ул. „Карпош Војвода.
Тој смета дека извршителот постапил незаконски бидејќи Основниот суд во Охрид на барање на станарите чиј имот е загрозен во постапката помеѓу јавното претпријатие и Трудбеник, донел решение – времена мерка со кое на извршителот му се забранува да презема натамошни дејствија за проценка и отуѓување и продажба на становите кон кои е насочено тужбеното барање.
Сопствениците на становите кои се предмет на постапување на извршителот немаат извадено имотен лист, но тоа според нив не го оправдува однесувањето на извршителот, кој, како што посочија станарите, направил пропуст во постапката бидејќи не проверил дали становите кои ги избрал за извршување имаат некаков товар.
-Становите се платени уште во 2009 година за што поседуваме документи, само што не се бележани во катастарот, меѓутоа тој морал претходно да провери дали има товар бидејќи тој има право да запленува станови само што се без товар, а овие пет стана се оптоварени.-изјави Ирена Бачиќ, сопственик на стан.
Нејзиниот сопруг, Александар Бачиќ, истакна дека целиот случај има сериозни пропусти. Тој посочи дека споро помеѓу два правни субјекти се решава на грбот на граѓаните кои уредно ги платиле своите станови пред пет години.
-Што сме ние виновни што Трудбеник и должи на државата. Ние се изложуваме на дополнителни трошоци да докажуваме нешто што е неспорно наше и ја поседуваме целокупната документација за што правосилно во месец јануари од Основниот суд Охрид е донесена одлука за забрана на проценка и заплена на имот. Спротивно на тоа ивршителот презема противзаконски дејства, влегува во становите и врши попис на истите, фактички заплена. Во една нормална држава каде функционира системот приватната сопственост е светиња, тоа е светиња секаде во светот и би требало и овде да биде така, рече Бачиќ.
Сопственикот на АДГ Трудбеник, Ацо Спироски, во изјава за медиумите истакна дека ги разбира граѓаните и дека се прават напори за разрешување на спорот помеѓу неговата компанија и јавното претпријатие со цел надминување на проблемот.
-Јавното претпријатие кон нас има правосилна пресуда од Апелациски суд во Битола во конечна форма која му дава право да презема извршни дејствија. Ние таа пресуда ја имаме обжалено и се наоѓа пред ревизискиот суд во Скопје и може се да промени, но ќе сочекаме како ќе каже судот така ќе постапиме. Вакви станови кои се опфатени тука, Трудбеник има преку 30 за кои ден денес потврдуваме сопственост за имот купен дури пред 20 години. Извршителот направил превид и сметаме не ја води постапката како што треба. Овде е направена грешка на станарите поради една формалност, бидејќи откако ние им ја предадовме сопственоста со сите платени давачки и данок, тие за становите не извадиле имотен лист. Тоа не се наши станови, не се водат во картица како имот на Трудбеник, што и го потврдуваме пред станарите.-рече Спироски.
Тој истакна дека Трудбеник е во комуникација со јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор и дека компанијата ќе понуди како гаранција друг имот со цел да се надмине проблемот и да се реши случајот, но не на штета на граѓаните.
Директорот на ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор, Цветко Грозданов, во телефонски раговор ни изјави дека јавното претпријатие со цел да ги наплати побарувањата поднело преку 800 тужби, меѓу кои и против фирмата Трудбеник со која претходно била остварена деловна соработка. Тој посочи дека Трудбеник имал долг кој и покрај најавите не го подмирил поради што после 10 месеци бил ангажиран извршител кој постапил по случајот. Грозданов појасни дека јавното претпријатие има интерес да ги наплати своите побарувања, но нема увид во работата на извршителот и каков имот тој попишува.
OhridNews