Усвоените измени на Законот за безбедност и здравје при работа се со цел подобрување на квалитетот на здравствените услуги, но и подобрување на квалитетот на давањето на здравствените услуги од страна на овластените здравствени установи коишто ја вршат дејноста медицина на трудот, како и зајакнување на механизмот на контрола, одредување на стандардниот минимум на здравствени прегледи и воведување на глоби за правното и одговорно лице во овластената здравствена установа.
– Како основна причина за иницирање на законските измени беа теренските информации коишто ги добивме како министерства, а коишто покажуваат дека здравствените прегледи коишто им се вршат на работниците како редовни систематски прегледи не се стандардизирани според видот и обемот, односно не се опфатени сите сегменти, анализи и испитувања коишто треба да им се направат на работниците заради констатирање на вистинската здравствена состојба кај секој поединец”, изјави министерот Ристовски. Тој додаде дека покрај ова министерствата се соочиле со фактот дека постојат здравствени установи кои што на своја рака ги диктираат цените и наплатувајќи пониски износи од утврдените во ценовникот создаваат нелојална конкуренција.
Министерот за здравство Никола Тодоров рече дека мерките се воведуваат за зајакнување на контролата за заштита при работа.
– На овој начин сериозно преземаме мерки против т.н. нелојална конкуренција која постоеше во овој сектор и како резултат на која се овозможуваше определени здравствени установи кои не ги исполнуваат сите критериуми да можат да даваат ваков тип услуги, а посебно се избегнува целосно можноста да се издаваат потврди без да се направи каков било преглед. Во Уредбата се предвидува за конкретен вид работа да има конкретни типови прегледи. На пр.ако некој работи со тешки хемикалии итн. има специфични прегледи кои опфаќаат и специфични анализи итн”, истакна Тодоров.
Согласно со Уредбата, овластените здравствени установи се должни да ги вршат здравствените прегледи со стандарден минимум кој е задолжителен за сите систематски, претходни, насочени и периодични прегледи. Стандардниот лекарски преглед ќе опфаќа: анамнестички податоци, статус по системи и антропометрија, основни лабораториски анализи, испитување на функцијата на видот, аудиометрија, спирометрија, ЕКГ и радиографија.
Исто така, здравствените установи ќе бидат должни да ги почитуваат цените предвидени за определениот пакет на здравствени услуги, односно не смеат да наплатуваат под цените наведени по ценовникот.
Цената на преглед на основниот пакет, односно, на стандардниот минимум е 800,00 денари по работник за работни места каде што нема зголемен ризик во работењето. На дополнителниот пакет цената на преглед е 1.000,00 денари и таа се однесува за работници експонирани на некои физички штетности. Проширениот пакет ќе чини 1.200,00 денари и според карактеристиките на дефинираните професионални штетности и опасности на работното место се однесува за експонирани работници, што подразбира работа во неповолни микроклиматски услови, бучава, вибрации, работа на височина на три и над три метри, работа под земја и други. Специфичниот пакет чини 1.500,00 денари и опфаќа исто така експонирани работници коишто се изложени на хемиски штетности, гасови, биолошки агенси, посебни штетности и опасности итн.
Доколку овластените здравствени установи не ги извршат здравствените прегледи согласно со Уредбата ќе подлежат на глоба. Глоба во износ од 5000-8000 евра во денарска противредност ќе се изрече за прекршок на правното лице и глоба во износ од 500-1000 евра во денарска противредност за одговорното лице во правното лице.












