Да ги соочиме со реалноста и да ги разбудиме од сонот кој што го живеат кандидатите за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ во 5- та ИЕ кои во последните настапи се обидуваат да ни продадат мислење за нашето здравство како тоа да е западно европско, велат од општинската ВМРО- Народна партија.
– Зборуваат за успешната реконструкција на охридската Општа болница, а забораваат колку долго време Охрид го оставија без стандардно медицинско згрижување, додека тие се обидуваа да ги поправат лошите проекти, уште полошата изградба, па определуваа нови тендери и финансии. Василевски на 2- ри февруари 2010 изјави дека наредниот месец ќе започне изградбата на болницата. За конечно, реконструкцијата да започне седум месеци подоцна, рече на денешната прес конференција Јоне Станкоски од ОК на ВМРО- НП.
Тој додаде дека првичните ветувања биле дека се потребни 16 месеци за реконструкција на болницата, за после една година да се направи ревизија со цел да се утврдат одговорните за пропустите што ја пролонгирале реконструкцијата.
– Што утврдивте? Кои се одговорните лица за пропустите? Никогаш не дознавме. Да не сте тоа вие? Двоецот Арнаудов, Василевски па сега ве унапредуваат во пратеници?После пет месеци тапкање во место повторно продолживте со реконструкцијата и овој пат ни ветивте дека болницата ќе е готова за 8 месеци, за конечно болница повторно да профункционира во март 2013, а пролонгирањето на изградбата грешките во неа ги призна и кандидатот за пратеник Василевски, рече Станкоски.
Станкоски се осврна и на изјавата на носителот на листата со кандидати за пратеници, Антонио Милошоски,дека кандидатот за пратеник Василевски како лекар најдобро знае, дека порано специјализацијата на лекарите била привилегија на малкумина, но дека денес министерството за здравство има друг концепт, специјализацијата, дообуката во Македонија и надвор од неа да биде обврска.
– Сакаме да го запрашаме господинот Милошоски, дали неговата изјава значи дека неговиот кандидат за пратеник Василески бил привилегиран порано па ја добил специјализацијата? Дали господинот Милошоски знае дека младите доктори треба да потпишуваат меници со висини над 100 000 евра за да ги добијат специјализациите за кои тој говори, пари кои младите доктори ниту ги имаат ниту можат да ги заработаат, а треба да ги задолжат? Дали господинот Милошоски знае дека во дел од болниците (Заводот за кардиоваскуларни заболувања во Охрид, од каде што потекнува и Бакрачески) младите докторки кои треба да добијат специјализации им се поставуваат услови во договорите дека додека се на специјализација во наредните пет или шест години не смеат да користат трудничко отсуство повеќе од 12 месеци? Дали е тоа хумано? Дали е тоа исправно? , праша Станкоски.
На денешната прес конференција Станкоски зборуваше и за проектот „Плата по учинок“ за кој рече дека континуирано покажува слабости, како и за најавеното префрлање на Заводот за кардиоваскуларни заболувања во комплексот на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“.Станкоски праша зошто за таа цел не се искористи објектот на Специјалната детска болница и дали тоа претставува знак за немоќ на градоначалникот кој тоа го најавил во 2013 година.
OhridNews