Лавина реакции предизвика најавата на Секторoт за туризам и локален економски развој – ТЛЕР, дека ќе се казнуваат станоиздавачите кои нудат станови и апартмани на интернет страници кои тие ги креирале.

Пере Николоски, станоиздавач од Охрид смета дека ТЛЕР нема право да забранува рекламирање на приватен бизнис на интернет, како и дека наведените аргументи дека со воведување на ваквата мерка ќе се заштитат туристите од измами, се неиздржани.

-Со кое право може ТЛЕР да врши забрана за рекламирање на мојот сопствен бизнис на интернет и гостите да вршат резервации на мојата веб страна? За утврдување на измама како што се наведува не е надлежен ТЛЕР да воведува санкции кон станоиздавачи туку МВР како државна институција овластена да спроведува истрага за стореното кривично дело „Измама“ (доколку гостинот уплатил одредена сума за одредено сместување, а добил сосема друга услуга). Секој што има страна на интернет вложил најмалку 500евра за нејзино креирање (плус годишни трошоци за одржување), а да не може да го користи бенефитот од истата. Зошто кога владата субвенционира отварање на онлајн продавници, да не може тоа да се искористи во туризмот, кога си имам уредна документација, категоризација итн.?-прашува Николоски.

Според него не држи ниту тезата на ТЛЕР дека станоиздавачите својата понуда треба да ја истакнат исклучиво преку туристичка агенција или туристичко биро.

– Имам договор со три туристички агенции од Охрид, се наоѓам во централното градско подрачје, од господата од агенциите ниту еднаш не ме имаат исконтактирано во последниве две години, што укажува на фактот дека повеќето си имаат свои капацитети или гостите ги испраќаат на свои блиски до агенцијата. Па оттука доколку не можам да нудам издавање на интернет, агенцијата воопшто не ме контактира, чекање на автобуска станица (она најлошото, што не го оправдувам) се казнува со 50 евра, ги прашувам ТЛЕР како би стигнал до гости?-додава овој револтиран станоиздавач.

Тој смета дека ТЛЕР наместо да се грижи за суштински проблеми, дава бескорисни изјави и предлози кои воопшто не му помагаат на Охрид туку му одмагаат. Во врска со издавањето соби на црно, проблемот според него повторно е во институциите.

-Таканаречените „дилери“ (добро познати на инспекторатот) нудат сместuвање и истите земаат процент на кој не плаќаат данок. Ме интересира зошто сите беа повикани на разговор во ТЛЕР и инспекторатот во Општина Охрид, а не беа преземени никакви санкции за истите? Секако дека треба да се санкционира нелојалната конкуренција кај станоиздавачите, ама тоа не се прави од канцеларија, вели Николоски, посочувајќи дека ТЛЕР дека повеќе треба да работи на терен, да санкционира, а не само да дава предлози од кои имаат корист само поединци.

Со предлогот на ТЛЕР не се согласуваат и други граѓани. Мите Панев сметa дека е во ред  да се казнува работа на црно и измама на туристи, но не треба да се забрани истакнување на понудата на интернет.

-И во Грција и во Хрватска дозволени се веб страни, погледнете на интернет. Дури може онлајн да се уплати и да се резервира термин, а потоа се доплаќа за целиот аранжман. Треба инспекција на терен, не на интернет.-вели Панев.

Од ТЛЕР објануваат дека санкциите ќе бидат насочени кон лицата кои за одредена провизија посредуваат во изнајмувањето на становите и при тоа се избегнува плаќањето на данок, односно работат на црно. Оттаму потеницраат дека нивните напори се насочени токму кон сузбивање на ваквиот вид нелојална конкуренција, која го урива имиџот на градот пред странските гости.

OhridNews