Основниот суд во Охрид пресуди во корист на петте семејства сопственици на станови во зграда на ул. „Крпош Војвода“ кои беа предмет на извршување во спорот што го водат АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор и ГП Трудбеник, бидејќи не биле впишани на нивно име во Катастар. Поради тоа тие против нив поднесоа тужба, која судот ја уважи, бидејќи како што беше соопштено во пресудата, во постапката било утврдено дека врз основа на реализираните договори за купопродажба тужителите се стекнале со право на сопственост на недвижен имот. Истовремено судот го задолжи ГП Трудбеник да трпи упис на право на сопственост на становите од негово на име на тужителите, а пресудата да биде основ за нивна евиденција во катастарот. Исто така судот го задолжи АД за стопанисување со станбен и деловен простор да го брише заложничкото право врз петте станови. 

Адвокатот на тужителите Горан Николоски, истакна дека ваквата првостепена пресуда е единствената правна, правична и логична разврска на оваа ситуација во која без нивна волја се вклучени тужителите. Тужените имаат право на жалба во законски рок, а доколку биде поднесена, правниот застапник на тужителите најави дека истата ќе биде оспорена.

-Ова е само првостепена одлука, чекаме правосилност и тогаш ќе можеме да кажеме дека тоа ќе биде основ овие тужители имотот да можат да го пренесат на свое име.- рече адвокатот Горан Николоски. 

Задоволство од пресудата изразија сопствениците на становите. Тие се надеваат дека наскоро ќе заврши неизвесноста во која тие живеат со месеци.

– Ситуацијата беше стресна, си купуваш стан, си правиш купопродажен договор, го заверуваш на нотар, плаќаш данок, земјиштето е откупено и ти доаѓа некој и ти вели дека станот не е твој затоа што тие меѓу себе си имаат недоразбирања.- рече Ирена Бачиќ сопственик на стан.

Петте семејства сопственици на станови во зградата на ул. „Карпош Војвода“ се најдоа во незавидна ситуација поради нерешени должничко доверителски односи помеѓу АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор и ГП Трудбеник. 

OhridNews