Селекторот на младата фудбалска репрезентација на Македонија, Благоја Милевски, го објави нецелосниот список на играчи кои ќе патуваат на Европското првенство во Полска. Селекторот комплетиниот список ќе го објави в недела, на 4 јуни.
Седумнаесетте фудбалери на кои смета Милевски се оние кои го изнесоа најголемиот товар во квалификацискиот циклус преку кој беше остварен најголемиот успех во историјата на македонскиот фудбал, Пласман на Европското првенство за играчи до 21 година.
– Овие 17 фудбалери дадоа голем придонес на остварувањето на историскиот резултат. Мое е да го испочитувам она што тие го дадоа за националниот тим, тие сигурно ќе бидат на ЕП. Списокот ќе биде дополнет со играчи од генерацијата 1996/1997. – изјави на прес-конференцијата Милевски.
Инаку, пред стартот на подготовките за ЕП Милевски ќе одржи камп со фудбалерите од генерацијата 1996/1997, која на 5 септември во Ерменија ќе ги почне квалификациите за пласман на ЕП во Италија.
Милевски повика 26 фудбалери, кои со своите подготовки ќе почнат на 1 јуни, а шест или седум од тие играчи ќе се најдат на списокот за Полска.
Македонија во Полска ќе игра против Шпанија, Португалија и Србија, силни селекции чии играчи настапуваат во најсилните европски првенства, а голем број од нив редовно играат во Лигата на шампионите или Лига Европа.
– Квалитетите на овие селекции ни се добро познати. Играат во најсилните европски првенства, имаат искуство кое ние го немаме. Искуството на играње на такви тешки и квалитетни натпревари е нешто што не можеме да го надополниме бидејќи 70 отсто од нашите играчи настапуваат во домашното првенство. Но, сметам дека можеме да им се спротивставиме, доколку повторно ја најдеме онаа сила која нè водеше низ квалификациите. Можеби ние немаме искуство, но покажавме дека можеме да се носиме со силни репрезентации, во квалификациите зад нас ја оставивме силната Франција. – рече селекторот, пренесува „Макфакс“.
Македонија подготовките за Полска ќе ги почне на 4 јуни, кога ќе биде одигран меѓусебен натпревар помеѓу двете млади селекции. Според планот, младите репрезентативци во Скопје ќе се подготвуваат до 12 јуни, а потоа тимот ќе патува за Полска.
Првиот меч Македонија ќе го одигра на 17 јуни (20:45 часот) против Шпанија.
Списокот:
Голмани: Алексовски, Шишковски
Одбрана: Зајков, Велковски, Муслиу, Мурати, Бејтулаи, Демири
Среден ред: Николов, Барди, Давид Бабунски Аврамовски
Радески, Ангелов, Ѓорѓев, Пивковски, Маркоски.
OhridNews