Старата училишна зграда на ОУ „Кочо Рацин” во населбата Црногорци ќе се реконструира и пренамени во современа нова детска градинка. Одлуката беше изгласана на вчерашната одржана седма седница на Советот на Општина Охрид.

Советничката од СДСМ, Лидија Неданоска истакна дека е добра намерата да им се овозможи на жителите од Радојца Новичиќ, Железничка, Долно и Горно Лакочереј да можат да ги згрижат своите деца во градинка во овој дел од градот, но посочи дека треба да се размисли околку безбедноста на објектот со оглед дека од тие причини и учениците се префрлени во новата зграда во Касарната.

Сакам да прашам дали при ваквата одлука, бидејќи добив информација на Комисијата дека била во посета комисија од Министерството, истата даде согласност дека може да има таму детска градинка. Воедно, пристапниот пат е многу тесен и таму досега никогаш немало можност за пристап на противпожарно возило, ниту пак да се разминат два автомобили. Апелирам да се размисли добро дали треба стар објект педесет, шеесет години да се реновира, бидејќи треба откорен да се реновира, за да имаме услови да ги згрижиме нашите најмили и најмали. Апелирам да размислите добро дали не е можеби поповолно и посигурно да се аплицира на јавните повици за капитални инвестиции во Министерството за труд и социјална политика за изградба на нова градинка? Дали не би се потрошиле помалку пари, а ќе добиеме нов и безбеден објект, отколку да реновираме објект стар педесет години, при што навистина еве апелирам и до колегите советници да одат да видат. Навистина таму не можат да се разминат ни две возила, а недај боже да има потреба од противпожарно возило. Инаку, намерата секако дека е добра и секогаш ние ќе го поддржуваме тоа што е во интерес на граѓаните од овој дел на градот, потенцираше Неданоска.

Директорката на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“, Ирина Милеска, посочи дека во населбата „Радојца Новичиќ“ функционира хетерогена група на возраст од две до шест години и позитивни се реакциите на родителите во тој дел да има градинка.

Таму групата ни функционира многу добро, а тимот е прекрасен, воспитниот тим, дечињата се прекрасни и функционираме, вклучени се во сите активности што ги организираме. А ако гледаме во однос на пристапот на објектот, и централниот објект е во самото градското подрачје па често пати и тука имаме проблем за пристапност на возилата. Мислам дека не претставува толку голем проблем, затоа што ќе се само дечињата од градинка во тој делот. Сега ќе имаме ред. Кога би ја отвориле таа градинка, би се ослободило многу повеќе место во другите објекти, каде што се примени другите дечиња. После толку години ќе се отвори еден нов објект во Општина Охрид. Мислам дека одиме кон позитивно размислување и позитивни насоки. Нормално дека процедурата трае, ќе се направат сега и основни проекти. Беа од Министерството дојдени во април месец, нормално да ја видат ситуацијата. Тоа беше неофицијална посета и дополнително и со нив сме во комуникација, со општината, со сите институции. Се надевам дека крајниот резултат ќе донесе позитивни промени и за нас како градинка и за Општина Охрид, додаде Милеска.

Неданоска воедно посочи и дека откако е преселено основното училиште во новите простории, навечер имало голема галама, се собирале млади луѓе и се оштетува просторот на старото основно училиште „Кочо Рацин”.

И од тој аспект замолувам СВР Охрид, да апелирате и вие како локална власт, да се погрижи за безбедноста во вечерните часови во училиштето, бидејќи кога веќе таму имаме и детска градинка, таква каква што сега функционира, треба безбедноста да е на поголемо ниво, односно да не дозволиме она што треба да го реновираме допрва сега целосно да се оштети, додаде Неданоска.

Секретарот на Општина Охрид, Алекснадар Китески, истакна дека ја имаат информацијата за девијантните појави, додавајќи дека и тоа е уште една причина плус за носењето на ваквата одлука каде што старото ОУ „Кочо Рацин” ќе биде реконструирано во модерна детска градинка и со таа модерна детска градинка ќе бидат задоволни граѓаните, посебно во тој дел на градот.

Н.С.Ј.