Трите стари чинари во Охрид кои се заштитени со закон веќе подолг временски период се наоѓаат во очајна состојба. Пред точно една година, дел од 1100 годишниот чинар во старата охридска чаршија претрпe сериозни оштетувања под влијание на обилните врнежи од дожд и снег, додека неколку месеци подоцна голема гранка се откина и од дрвото во населбата Кошишта.

Познавачите на стариот охридски  „platanus orientalis“, велат дека потребна е поголема грижа од надлежните за овој многу значаен споменик на природата, заштитен со закон во 1967-ма година, околу кој се случувале важни историски настани и кој има значајно место во животот на охриѓани.

Според преданијата, се претпоставува дека дрвото било засадено пред околу 1.100 години. Чинарот претставува симбол на градот, од каде започнувал и завршувал животот. Недозволив е односот од надлежните институции и одговорните лица кон ова дрво кое има посебна важност за градот. Тоа е духот на Охрид, дрво кое е сведок на целокупната наша историја и кое сведочи за многубројните настани кои тука се случувале низ вековите.“ – велат познавачите на состојбите.

Охриѓани стравуваат од слични сценарија како минатонеделниот инцидент во селото Косел, кога стар иструлен чинар падна врз паркиран автомобил марка „Мерцедес“.

Со години се чека некој да реши, некој да повлече иницијатива за заштита на овие дрва, но за жал како никој да не е загрижен за чинарите. Како топката да се префрла од една на друга страна,а  зимата доаѓа како потенцијален уништувач на она што ни е останато од минатото. Нормално дека сите стравуваат од можни несакани последици како оној инцидент кој за жал се случи во селото Косел. Со оваа негрижа кон спомениците на природата која за жал тлее со години, уште еднаш докажуваме каков е нашиот однос кон минатото.“ – велат охриѓани.

Од друга страна пак има и мислења дека на старите чинари им изминало времето и дека не може повеќе ништо да се направи за нив, односно треба да се прифати фактот дека се што се раѓа во природата умира. 

-Треба да се соочиме со реалноста дека повеќе не може да се направи за овие дрва и дека можеби е време да се размислува за други решенија, на пример да се засадат нови чинари.-велат граѓани.

Надлежните служби во локалната самоуправа неоддамна предупредија за лошата состојба во која се наоѓаат трите стари чинари во Охрид.  Општината преку Одделението за заштита на животната средина испратило повеќе дописи до надлежното министерство, од кое очекуваат одговор со цел навремено да се реагира за да се спречат евентуални несакани последици.

Ние имаме точни сознанија дека дека вториот чинар кај Кошишта постои опасност да се сруши и се надевам дека министерството за животна средина ќе има слух и ќе даде согласност тие гранки да бидат отстранети како не би се случиле непријатни ситуации.“ – изјави  неоддамна Танас Танасоски, раководител на општинскиот инспекторат.

Во текот на летниот период, студентите по архитектура и дизајн од земјава и странство, меѓудругото се обидоа да дадат свое видување за тоа како треба да изгледа просторот околу Чинарот, односно ги осмислија архитектонските и дизајнерски интервенции и визуелниот идентитет на оваа локација.

Студентите треба да го кажат својот збор за тоа како го замислуваат просторот и што е тоа на што би требало да се интервенира за најдобро да функционира. Презентираните идеи потоа ќе послужат како основа за изработување на реални проекти.“ – објасни во тогаш професор доктор Викторија Еремеева, декан на архитектонскиот факултет при Универзитетот Американ Колеџ од Скопје,во чија организација се оддржа првата Меѓународната летна школа за архитектура и дизајн.

Исто така, охриѓани веќе подолг период реагираат дека дрво крај каналот Студенчишта и пркоси на гравитацијата, кое може да ги доведе во опасност минувачите на овој потег.

Реагиравме еднаш, ќе реагираме уште неколкупати додека надлежните не се заинтересираат да го решат овој проблем. Сите знаеме дека во зимскиот период од тежината на снегот постои опасност трулите дрва да паднат. Кој ќе одговара доколку тоа се случи на овој потег?“ – прашуваат охриѓани.

Инаку, минатата недела стар и иструлен чинар падна во селото Косел при што предизвика поголема материјална штета. Во непосредна близина има уште едно вакво дрво за кое локалното население стравува дека исто така може да падне и да предизвика несакани последици. 

O.T.