Малкумина знаат дека битолското семејство Георгиевски со книговез се занимава повеќе од 30 години, а нивниот рачен занает во градот под Самоловата тврдина, 12 години умешно го води нивниот син Драган.
„Името книговез е веќе познат бренд во Македонија, а добар дел од нарачателите го препознаваат нашето име. Најпрво, работилницата е отворена во 1979-та година во Битола, кога моите родители се одлучуваат да влезат во приватниот сектор. Занаетчискиот дуќан функционира до 85-та година, кога заедно со семејството се преселуваме во Охрид. Во 2001-ва година, моите се одлучија повторно да го разработат стариот занает и ете, веќе 12 години активно се занимавам со оваа професија. Продолжив со испитување на проблематиката и успеав да ја усовршувам благодарение на родителите, кое ми ги покажаа основните работи.“ – вели Драган Георгиевски, кој претставува втора генерација книговезачи од ова семејство.
Овој занает опфаќа комплексна работа, која бара макотрпност и целосна посветеност. Во суштина, книговезот претставува рачно шиење на книгата со восочен конец, дупчење и изработка на кориците.
„Порано, книговезачката работа имала голем подем, но денеска е тешко да се пласира книга која е рачно сошиена. Сега сите шиат на машини, а творбите се далеку понеквалитени. Времето кое е потребно за да се создаде делото е релативно, бидејќи зависи од повеќе параметри и самиот обем на книгата.“ – истакнува Георгиевски.
Покрај ова, битолскиот книговезач веќе 6 години се занима и со рачна резба на природна кожа, занает кој е автентичн и единствен на овие простори.
„Со рачна резба на кожа започнав да се занимавам во 2007-ма година. Знаењето го стекнав со читање и едуцирање од странска литература. Тоа ме вовлече да осознам и видам на каков начин се создадени делата и без ничија помош успеав да ги усовршам производите. Всушност, во мојата работилница ги комбинирам овие два рачни занаети, а често пати на самата книга ставам апликација од резбана кожа. Овие ракотворби во земјава не се познати, а всушност потекнуваат од шпанско племе, кои при откривањето на Америка се населува во Ново Мексико, САД.“ – додава Георгиевски.
Основните алати за изработка на книговезот се шило, игла, конец и восок од пчела, додека за кожата се потребни повеќе алатки за изрежување и доработка на цртежот, односно резбата.
„За резбата на кожа се користат различни помошни ножеви за кроење, кои се специфични и ги нема во слободна продажба. Тука се и таканаречените чешли, односно метални алатки со две или три дупчина. Откако кожата ќе се обележи каде да се шие, со тој алат се прават отвори, а шиењето оди со различен тип на игли. Некои се со тап врв, некои се наменети за користење восочен, односно два вида на кожен конец, а често се шие и со две игли. Исто така, потребен е и помошен дрвен алат, чија намена е да го држи материјалот од двете страни при шиењето.“ – истакнува Георгиевски.
Производите кои излегуваат од дуќанот на битолскиот мајстор се најразлични, почнувајќи од привезоци, чанти , корици за книга, рамки за слики, футроли, ремчина, каиши, паричници, слики, врамени икони и уште многу други продукти.
„Интерес за нашите производи пројавувааат странските туристи, кои знаат дека рачните изработки се поквалитетни од машинските. Сакаат да дознаат, како всушност се изработуваат ракотворбите, односно како тече процест на работа. За нас занаетчиите, на некој начин тоа претставува добивка, бидејќи самиот интерес претставува можност за пробивање на странскиот пазар.“ – потенцира Георгиевски, кој е член на Регионалната занаетчиска комора – Охрид.
Како што вели битолскиот занаетчија, најголем проблем за мајсторите претствува недоволната презентацијата на нивните производите. Поради таа причина, Георгиевски пред месец дена поднел барање за добивање локација за поставување урбана опрема во централното подрачје, која за жал од надлежните институции му е одбиена.
„Најголемиот проблем е презентацијата на продуктите, бидејќи со трговците е тешко да се соработува. Тоа беше причина, после 12 години да побарам локација за поставување урбана опрема. Одговор добив после месец дена, кој за жал е негативен. Како што образложија надлежните, барањето не може да се реализира затоа што со тој простор стопанисува Завод и музеј Охрид, кој не дозволува пренамена на просторот. Не ми беше понудена, ниту некаква солуција, иако има други слободни тезги. Веќе 15 дена чекам да ми ги вратат финансиските средства кои ги уплатив.“ – додава Георгиевски.
Тој истакнува дека на Охрид му фалат повеќе манифестации со кои занаетчиите ќе успеат да ги презентираат своите ракотворби пред домашните и странските туристи.
„Поновите генерации ретко имаат можност да научат или прочитаат за нашите ракотворби, а мојата порака е да се направат повеќе манифестации, да се добие една поддршка од медиумите, затоа што без презентирање на продуктите тие не стигнуваат до толпата народ.“ – завршува Георгиевски.