Повеќе од 30 години објектот во кој голем број генерации доаѓале да ги видат најновите достигнувања од светската кинематографија, стои запуштен.

Со текот на годините во голема мера е уништен како надворешниот, така и внатрешниот дел од објектот. Граѓаните често пати коментираат дека поради оштетеноста, опасно е да се минува покрај него, затоа што неизвесно е кога некој негов дел ќе се сруши.


По пат на процесот на денационализација, некогашното старо охридско кино, вратено е на седум сопственици. 

Какви се нивните понатамошни планови за објектот е непознато, но од локалната самоуправа информираат дека со постоечкиот детален урбанистички план на оваа локација предвидена е единствено изградба на објект со ист габарит како и постоечкиот – приземје, галерија и поткровје, а при тоа, намената на објектот останува иста, односно да се користи како кино.


Од Завод и музеј- Охрид велат дека објектот е евидентиран како значаен дел од охридската карактеристична архитектура, па поради тоа и постои идеја да се покрене процедура за ставање на старото кино меѓу заштитените споменици на културата во Охрид.


Објектот бил изграден во 1924 година, по што се користел за одржување на свадбени свечености. Две години подоцна бил донесен првиот кино апарат од Австрија по што започнале да се одржуваат и кино проекции кои охриѓани имале можност да ги посетуваат до раните 80- ти години од минатиот век.  

Тања Кувенџиска