На улицата „Даме Груев“ во централното градско подрачје, некогашното кино „Охридско (Ј)Езеро“ сведочи за едно убаво време кое поминало. Малкумина знаат дека зградата во кое е сместено некогашното „Старо кино“ е изградена во 1924-та година, а првите проекции на некогаш популарните светски филмови почнувајќи од Чарли Чаплин и Валентино и кучето Рин Тин Тин, се направени во 1926-та година.

Љупчо Паункоски, чиј родител уште во 38-мата година од минатиот век на охриѓани им ги „сервирал“ популарните филмови, вели дека идејата за отворање на киното доаѓа од првиот сопственик Миле Мартиноски – Петкоски.

Кога се вратил од Америка, купил место и решил да го направи киното. Зградата е изградена 24-та година, а се до 26-тата објектот служел за оддржување разни прослави и свечености, на кои скоро секогаш свирел Садило со тајфата. На ова место, видните охридски фамилии ги правеле свадбите. Киното официјално започнува да работи во 1926-та година, со апаратот кој е донесен од Австрија.“ – вели Паункоски.

Старото охридско кино можело да собере околу  300 луѓе, а иако картите биле прилично скапи за тоа време, интересот кај охриѓани и младите бил голем. Паункоски истакнува дека во 50-тите години од минатиот век, извршена била национализација на киното, а во 51-вата објектот се подновил со нова апаратура од марката „Искра Крањ“.

После национализацијата, од вработените останале да работат само тие од фамилијата. Мојот татко Станко Паункоски, тука  е вработен во 1938 година, а останал се до неговото пензионирање во 1975. Старото кино работеше до септември 1989-та година, а причините за затворањето беа појавувањето на телевизиите.“ – вели Паункоски, кој од 1964-та до 1967-ма година работел во киното и се стекнал со диплома за кинорепортер.

Изминативе неколку години, сo денационализација објектот е вратен на сопствениците, а во моментов старото охридско кино се наоѓа во крајно лоша состојба. Граѓаните на неколку пати преку медиумите, апелираа дека објектот е честа мета на вандали, а во неговата внатрешност низ искршените прозорци можат да се забележат остатоци од шприцеви, игли и отпад.

Со денационализацијата, киното е вратено на сопствениците. Што ќе биде со него, никој не знае. Дали ќе остане како споменик на културата или можеби ќе се руши со текот на времето. Сепак објектот има значење за градот, бидејќи во минатото киното било единствениот простор каде охриѓани се собирале и забавувале.“ – додава Паункоски.

Миле Мартиноски – Петкоски основачот на киното

Во животописните белешки на Благо Жура, опфатени се записи за старото охридско кино, почнувајќи од 1923-та година па се до првите проекции на црно-белите филмови.

Двајстретата ли беше, Ставре Агуш Апото и некој от Џамбазовци ќе да беше, продале по една нива и купиле апаратура за прожектирајне филмој. Апаратурата работеше на гас/плин и тога имаше саде неми филмој. Кино сала немаше, ами во кафаната кај Филефци, тогашна „Велика Србија“. Посетне Апото чардакот от куќата го напрај кино сала, згора нат фурната. Љуге малку одаја, скапо беше, а скапо му беше и на Апото, та му ја даде на Петкофци, Мартинофци. Стариот нихни работал Америка, та беше мераклија на пусти филмој, демек „зараза“ имаше фатено, от таму Чарло Чаплин, Валентино и кучето Рин Тин Тин. Стариот от Мартинофци го викнаја архитектот Ѓурчинов-иќ и овој му напрајл план за кино сала и оттога двајсешеста проработа првата кино сала.“ – стои во белешките на Благо Жура, односно во книгата „Жура за Жура“.

Охриѓани се надеваат дека овој објект во идина ќе биде соодветно заштитен, затоа што претставува сведок на едно убаво време од минатото.

Оливер Трајчески