Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“, Охрид, претстојниот викенд (16 и 17 април) ќе организира „Стартап-викенд Охрид”. Овој настан е наменет за сите млади ентузијасти кои имаат бизнис-идеја или проект, но им е потребен тим, ресурси или менторска поддршка за реализирање на истиот.
Startup Weekend e глобален настан/хакатон кој има за цел да ги поттикне младите професионалци, фриленсери и стартап-ентузијасти на една локација да оформат тим со кој ќе развијат бизнис-идеја од концепт до прототип во рамки на 54 часа, односно еден викенд. Учесниците ќе формираат тим во кој заедно ќе реализираат и тестираат идеја, проект на кој ќе работат, информираат од Универзитетот.
Додаваат дека тимовите ќе ги доразвијат своите идеи со поддршка на над 30 ментори (стартап-основачи и експерти) и ќе го претстават својот концепт пред жири од истакнати ИТ-професионалци, бизнисмени, инвеститори, а идејата е да се искреираат решенија кои ќе одговорат на предизвиците на современото претприемништво.
Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ (УИНТ) – Охрид е модерна, иновативна институција која обезбедува извонредност во наставата, учењето и истражувањето. УИНТ е меѓународна институција која се гордее со својата културна различност. Ние се стремиме да воспоставиме меѓународен карактер на универзитетот како водечка образовна и истражувачка институција во регионот – велат од УИНТ.
На Стартап Викенд Охрид може да учествува секој со идеја или без идеја, студент или професионалец, млади луѓе со искуство или без, но има само 50 слободни места, па од универзитетот информираат дека секој кој сака да биде дел од истиот ќе биде потребно да го резервира своето место на следниов линк.
OhridNews













