Вечерва, со „задоцнување“, поради „лок аутот“, кој траеше 149 дена, ќе започне 66-то издание на најсилната кошаркарска лига во светот-НБА.

Првиот ден во НБА се закажани пет натпревари, шлагер секако е репризата на минатосезонското финале помеѓу шампионот Далас и вицепрвакот Мајами. Ништо помалку атрактивни и привлечни за публиката нема да бидат ниту останатите средби, на кои ќе настапат неколку кандидати за освојување на шампионскиот прстен. Дербито на Истокот ќе го одиграа Њујорк и Бостон, Оклахома ќе го пречека Орландо, Лејкерси без Коби Брајант за противник го имаат Чикаго, а Голден Стејт ќе играат против екипата на ЛА Клиперс, која во преодниот рок го доби еден од најдобрите плејмејкери во лигата, Крис Пол.

Сезоната, која е спасена, откако сопствениците на клубовите и Синдикатот на кошаркарите го потпишаа новиот колективен договор, ќе заврши на 26. април следната година. Сезонава, во нејзиното 66-то издание, секоја екипа ќе одигра по 66 натпревари, а интересно е тоа, што за прв пат по 1999 година, секоја екипа, барем еднаш, ќе мора да одигра три натпревари едно подруго.

Што се однесува до екипите кои конкурираат за титулата, тука работите, во однос на минатата сезона не се променија многу. Далас го брани прстенот, Маверикс ги задржаа Новицки, Кид и Тери, од тимот си замина Тајсон Чендлер, што може да создаде многу проблеми во дефанзивата, а на негово место стигна играч со шампионското искуство Ламар Одом. Пеџа Стојаковиќ се пензионира, додека Џеј Џеј Бареа, кој имаше забележителна улога во плеј офот замина во Минестоа.

Аналитичарите, слично како и лани, како прв кандидат за титулата го посочуваат Мајами. Екипата за која играат Вејд, Џејмс и Бош голема конкуренција на истокот ќе има во Чикаго, Њујорк, Бостон и Орландо.

На Западот покрај Далас, не смеат да се заборават ЛА Лејкерси кои на почетокот од сезоната ќе играат без првата звезда Коби Брајант, но интересно е да се види како „езерџиите“ ќе играат без легендарниот тренер Фил Џексон, кој замина во пензија.

Многумина како можно изненадување за висок пласман го гледаат помалиот тим од Лос Анџелес, Клиперси, кои покрај со Крис Пол се засилија и со искусниот Џонси Билапс, но прашање е како и дали тренерот Вини Дел Негро ќе успее да воспостави хемија во тимот.

OhridNews
Извор: sportsport.ba/макфакс