Денес и утре на програмата се првите четвртфинални натпревари во кошаркарската Евролига. Серијата на натпревари, по кои ќе бидат познати патниците на завршниот турнир, ќе ја отворат Барселона и Уникс Казан, екипа за која настапува Американецот со македонски пасош, Мајк Вилкинсон.

Барса е апсолутен фаворит во оваа серија, Каталонците сезонава во Евролигата имаат 15 победи и само еден пораз, од Монтепаски во првата фаза од натпреварите.

Европскиот шампион од 2003 и 2010 година, на теренот го предводат Хуан Карлос Наваро, МВП од последното Европско првенство, репрезентативецот на Словенија, Еразем Лорбек, кој со просечни 14,2 поени по натпревар е најефикасниот играч на тимот и Американците Чак Ејдсон и Пит Мајкл.

Уникс, со самиот пласман меѓу најдобрите осум екипи во Европа го направи најголемиот тимски успех, но тешко е да се верува дека рускиот преставник може во серијата да забележи повеќе од една победа.

Екипата која во Топ 16 фазата го победи Панатинаикос среде Атина, на теренот ја предводат бековите Хенри Домекракнт (16,3 поени по натпревар) и Тарел Лиди (11,3 поени по натпревар).

Бранителот на титулата Панатинаикос, во четвртфиналната серија за противник ќе го има Макаби, најтрофејниот тим во Израел. Екипата на трофејниот тренер Жељко Обрадовиќ, со изменет состав во однос на оној кој лани ја освои титулата веќе има релативно успешна сезона, без проблеми ја мина првата фаза, а во Топ 16 фазата го освои првото место во конкуренција на Уникс, Фенербахче и Армани.

Она што треба да го загрижи Обрадовиќ е тоа што неговиот тим три од петте порази во Евролигата, оваа сезона ги забележа на домашен терен, нешто што минатите сезони беше незамисливо. Лидерите на тимот и во оваа сезона се Димитрис Дијамантидис и Мајк Батист.

Оваа серија покрај пресметката на теренот ќе донесе и одличен двобој на двајца исклучително квалитетни тренери – Жељко Обрадовиќ и Дејвид Блат.

Макаби, во четвртфиналето ќе се обиде да му се реваншира на Панатинаикос за поразот во ланското финале.

Екипата која четири пати била шампион на Европа, во многу нешта зависи од играта на горостасниот центар Софоклис Скорцанитис. Доколку противникот му дозволи на Бејби Шек да влезе во ритам тогаш е речиси незапирлив. Покрај него, многу нешта во играта на Макаби зависат од Кит Ленгфорд, Ричард Хендрикс и Тал Бурштајн.

Пласман на завршниот турнир, кој ќе се игра во Истанбул, ќе обезбедат екипите кои први ќе стигнат до три победи.

“макфакс“
Ohridnews