Од утре во Охрид стартува електронскиот катастар, кој според најавите во голема мера треба да ги реши бројните проблеми кои претходно беа утврдени во подрачното одделение на Агенцијата за катастар на недвижности.

Како што изјави директорот на агенцијата, Љупчо Георгиевски, при посетата на подрачното одделение во Охрид, со воведувањето на електронскиот катастар ќе се  поедностави постапката за вадење документи, а при тоа од страна на надлежните ќе може да се следи и работењето на вработените.

–    Секој кој поднесува барање во електронска форма ќе биде евидентиран со минута и секунда. Вработениот има законска обврска во рок од 15 дена да постапи по предметот, што не значи дека треба позитивно да се одговори, но не значи и дека треба месец или  два предметот да стои во фиока, нагласи Георгиевски.

Освен стартувањето на електронскиот катастар, утре се очекува да биде пуштена во употреба и новата просторија на охридското подрачно одделение во кое ќе функционира приемен оддел со вкупно шест шалтери, современо уредени и опремени со што ќе се овозможи и подобра услуга за граѓаните.

T. К.