Најатрактивното клупско фудбалско натпреварување во светот, Лигата на шампиони, продолжува со осминафиналните натпревари, по двомесечна  пауза. Дерби натпреварите во оваа фаза ќе се одиграат во Лондон и Манчестер.


Арсенал, екипа која се бори за титулата во Премиер лигата, во првиот осминафинален меч ќе му биде домаќин на европскиот првак Баерн. Овие два тима, во иста оваа фаза, играа и во минатата сезона, тогаш Баерн мина во четвртфиналето благодарение на поголемиот број постигнати голови на гостински терен. Баерн во Лондон победи со 3:1, додека Арсенал славеше во Минхен со 2:0.

Мега пресметка се очекува да биде и соочувањето на Манчестер Сити и Барселона, тимови кои се во врвот во своите првенства и тимови кои играат исклучително атрактивен и ефикасен фудбал.

Милан ќе има тешка задача против Атлетико Мадрид, кој оваа сезона игра во одлична форма и е рамноправен со Барселона и Реал во шпанското првенство. Милан игра очајно во Серија А, но неколку години наназад ‘росонерите’, многу подобри изданија имаат во Лигата на шампиони отколку во домашното првенство.

Празник на фудбалот се очекува да има и во Леверкузен, каде ќе гостува францускиот шампион Пари Сен Жермен, кој на теренот го предводи Златан Ибрахимовиќ.

Двојки :

Вторник, 18.февруари: 20:45 Манчестер Сити-Барселона, 20:45 Баер Леверкузен-Пари Сен Жермен

Среда, 19.февруари: 20:45 Арсенал-Баерн Минхен, 20:45 Милан-Атлетико Мадрид

 

„Макфакс“