По добриот почеток на ракометниот клуб Охрид 2011 и ракометот во Охрид, желбата и проектот наречен младинска ракометна школа најпосле ќе започне со работа. РК Охрид 2011 есенската полусезона ја завршува на второто место во Првата машка ЕТФ ракометна лига со широко отворени врати кон остварување на нови успеси на овој нов ракометен клуб, а воедно афирмација на градот Охрид на спортски план.


– Младинската ракометна школа ќе работи во склоп на РК Охрид 2011 и првично тренинзите ќе се одржуваат во спортската сала при основното училиште “Христо Узунов” во два термини и тоа понеделник и петок во периодот од 20.30 до 22.00 часот. Ги информираме сите кои досега се јавија на јавниот повик на РК Охрид 2011 дека првиот собир и тренинг ќе се одржи овој петок (09.12 2011) со почеток во 20.30, во спортската сала при училиштето “Христо Узунов”, а воедно ова нека биде уште еден јавин повик до сите заинтересирани кои сакаат да спортуваат и да учат ракомет, повелете вратите на ракометната школа се отворени – рече координаторот на младинската ракометна школа Китески Ристе – Меци.

Идеата е да се заживее ракометот во Охрид, кој во минатото негуваше ракометна традиција која нажалост во изминатите неколку години како да се подзаборави.

– После неколку месеци можеме да заклучиме дека идејата наиде и на реализација и можам слободно да кажам дека ракометот живее во Охрид, а како се движат работите во скоро време мислам дека и Охрид ќе живее за ракометот. Секако иднината на секој спорт е во генерациите што доаѓаат и следствено на тоа е и младинската ракометна школа. Со оваа идеја се надеваме дека ќе го поттикнеме спортскиот и ракометниот дух и кај најмладите генерации, па во иднина и градот Охрид ќе може да се пофали со некој свој Кирил Лазаров, Наумче Мојсовски итн – истакна Китески.

Членувањето во ракометната школа ќе биде поткрепено со чланарина во износ од 300.00 денари, со тоа што школата ќе функционира на принципот на самофинансирање, т.е. “од младинска за младинска”, што значи со тие пари ќе се обезбедуваат средства потребни за функционирање на една ракометна школа (топки, маркери, маици, спортски реквизити итн.).

Ohridnews