Под мотото „Ракометниот терен е мојот свет“, вчера попладне стартуваше четвртото издание на ракометниот камп „40х20“ во Охрид. По пристигнувањето, сместувањето и задолжувањето со опрема, деведесет момчиња и девојчиња од четири земји веќе ги одработија и првите попладневни тренинзи на брегот на Охридското Езеро.

По неверојатниот интерес за учество на кампот, и пополнување на предвидената квота за само еден ден, ние како организација – чувствувајќи ја одговорноста од довербата што ни беше дадена од децата и родителите од Македонија и странство – подготвени го дочекавме стартот на 4-тото издание на ракометниот камп ‘40х20’. Ќе направиме сè што е во наша моќ да ја оправдаме таа доверба. Концептот останува ист: повозрасните кампери работат на индивидуална надградба со 15 тренери од земјата и странство, додека помладите се воведуваат во основите на ракометот, тимската работа и спортската дисциплина. Кампот има и силен едукативен карактер, со предавања, посебни активности и прошетки низ Охрид, изјави Горан Ѓоргоноски, менаџер на КМГ Спорт, организатор на кампот.

Кампот ќе биде збогатен и со гостувања на македонски репрезентативци, меѓу кои и најдобрата македонска ракометарка Сара Ристовска, како и Милан Лазаревски, Ненад Костески, и ракометните легенди Гоце Георгиевски и Стојанче Стоилов, кои преку демонстрации ќе ги инспирираат младите ракометари.

OhridNews










