Трошоците на живот во март во однос на февруари годинава се намалени за 0,3 проценти, а цените на мало за 1,2 отсто, објави вчера Државниот завод за статистика.

Намалувањето на трошоците на живот е резултат на пониските цени на мастите за 5,4 проценти, други прехранбени производи за 1,1 проценти, месото за 0,9 проценти, преработките од риба за 0,8 проценти, конзервираните месни производи и свежиот зеленчук за 0,6 проценти, шеќер, џем, мед, чоколада и кондиторски производи за 0,3 проценти и сувото овошје за 0,2 проценти.

Во март, намалување на трошоците на животот е забележано и кај гасот за домаќинствата за 6 проценти,  авионскиот превоз на патници за 3,6 проценти, услугите за сместување за 2,7 проценти, средствата за чистење и одржување стан за 1,9 проценти, течните горива за домаќинствата и телефонските и факс апарати.

Пораст на трошоците на животот во март, во споредба со претходниот месец, статистика евидентира кај свежото овошје за 3,4 проценти, преработките од зеленчук за 1,8 проценти и замрзнатиот зеленчук за 1 процент. Исто така, пораст на трошоците на животот е забележан и кај пакет-туристичките аранжмани за 3,3 проценти, стаклените садови, кујнскиот прибор и друга опрема за домаќинствата за 1,3 проценти.

Трошоците на животот во март  годинава во споредба со март лани се зголемени за 0,2 проценти, а цените на мало бележат намалување од 0,7 проценти.

OhridNews