Проблемот со бездомните животни (кучиња) во Охрид, не само што е далеку од решавање, туку се усложнува, дотолку повеќе што здружението за заштита на животните „Анималија“ најави затворање на импровизираниот стационар во Мауцкер до крајот на летото. Единствената волонтерка која во моментов се грижи за стационарот вели дека и покрај големата желба и ентузијазам, повеќе не може да го издржи притисокот на јавноста која освен критика на никој начин не помага во справувањето со проблемот со бездомните кучиња и најави напуштање на државата.

„Жал ми е, но неможам да помагам веќе, не ми остана енергија за борба, бидејќи немам веќе надеж. До сега се спасени многу кучиња од улица, вдомени, згрижени. Јас сум сега сама во стационар, кој е импровизиран и таа импровизација веќе ме иритира, ме напнува и ми ја отежнува работата. Немам енергија да поправам веќе поправани кафези по не знам кој пат, врзани со жици од ново и од ново, да поправам веќе поправани врати кои се импровизација, немам енергија да се расправам со моите комшии во стационарот, нема струја, тепачки има секојдневно, некои кучиња не се сакаат и нема веќе простор за нови комбинации, сите комбинации ги пробав, два-три пати месечно обавезно. Има нови дупки на импривизираната ограда, секој ден одам и се молам да не ги најдам избегани-кај комшиите. Ве молам разберете ме, 50 кучиња моментално кои што се на моја одговорност, сигурно вие можете барем едно да спасите од улица, сигурно за едно можете да најдите начин да му помогнете. Јас морам секој ден да сум таму, не е битно дали ми се оди, дали ми се спие, дали врне снег или дожд, јас морам да одам таму и само за тоа ми остана енергија. Двегодиншиот труд околу проектот за стерилизации пропадна, се беше отруено, неколку само беа вдомени. Што уште јас да направам? Општината нема никаков интерес за решавање на проблемот, новинарите секојдневно ве трујат со приказни за вонземските суштества што ќе ги сретнете на улица, луѓето трошат преголема енергија во исмејување и критикување на здруженијата место таа енергија да ја насочат на вистинското место. Ова е веќе крајот, нема други начини, а секојдневно се мислам, нема веќе начини, да имаше немаше да го пишам ова.“ – напиша на својот Фејсбук профил волонтерката Вилдана Садикоска. 

Таа вели дека до крајот на август ќе се фокусира на наоѓање дом за кучињата од стационарот, а останатите ќе мора да бидат пуштени на улица бидејќи во септември планира да ја напушти државата.

OhridNews