Состојбата во Грција станува сериозна, но случувањата кај нашиот јужен сосед не влијаат на стабилноста на македонскиот денар, уверува вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

-Стабилноста на денарот зависи од самите нас од работата на Централната банка и на Министерството за финансии, односно од начинот на водење на монетарната и фискалната политика во Републиика Македонија. Се додека ние ги водиме на здрав начин тие политики, а дека ги водиме на здрав начин потврдуваат сите можни мисии и извештаи на меѓународните финансиски институции каде што Македонија е оценета како земја која што има најздрави економски политики во регионот, и се додека е под контрола вкупната ликвидност во економијата преку одржување на ниско ниво на буџетски дефицит и одржување на предвидената парична маса од страна на Народната банка, загарантирана е и стабилноста на денарот и стабилноста на девизниот курс во Република Македонија, како и стабилноста на банкарскиот сектор.-изјави вчера во Охрид министерот Ставрески.

Според него Грција многу скоро нема да  биде во можност да ги сервисира своите обврски, а доколку тоа се случи извесни се две сценарија.

– Моите очекувања се дека ќе дојде до контролиран банкрот, каде што европските земји и Грција ќе се договорат за тоа колкав процент од долгот што го има Грција по однос на државните обврзници нема да може да го врати. Претпоставувам дека тој процент ќе биде околу 50 отсто, значи отприлика половина од долгот ќе треба да и биде простен од страна на француските и германските банки кои што се најизложени кон Грција. Другиот начин би бил тоа да се случи неконтролиран банкрот односно Грција да прогласи еднострано неможност да ги сервисира обврските што би предизвикало поголем хаос и паника во европските земји и на пазарот на капитал. Јас се надевам дека првото решение ќе биде реализирано што воопшто не е добро, но е подобро од второто.-истакна Ставрески.

OhridNews