Кризата во Европа негативно влијае на помалите економии оцени вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески. Тој во изјава дадена денес во Охрид истакна дека  Извештајот на Европската комисија е уште една потврда на добрите економски политики на државата, но забележа што во него не спомнува ризикот кој произлегува од кризата во Еврозоната.

– Очигледно е дека единственото нешто што не е третирано во извештајот, но претставува ризик за економиите од овој регион, вклучително и за Македонија, е општата економија во Еврозоната и она што се случува во неа. Ние упатуваме апел како претставници на земјите од овој регион политичарите во Европа да направат се што можат да најдат решение за актуелната состојба во Европа бидејќи таа на некој начин влијае негативно и ги загрозува помалите економии во Југоситочна Европа, изјави Ставрески.

Запрашан колкава е опасноста по македонската економија од кризата во Европа која влијае и на работата на извозно ориентираните претпријатија во земјата, министерот Ставрески истакна дека секој кој работи одговорно денес мора да каже дека постојат ризици бидејќи она што се случува во Европа не може да биде позитивно за македонската или за која било друга економија.

-Истовремено мора да сме објективни и да кажеме дека макроекономските показатели на Македонија се подобри од било која земја во регионот не само во поглед на економскиот раст каде што Македонија има солидни резултати во првите шест месеци од годината, туку и во однос на нивото на задолженост каде што сме една од земјите со најниско ново на долг што е многу битно во денешни услови од аспект на трговскиот дефицит каде што имаме целосна контрола и ниско ниво на буџетски дефицит. Ние можеме да го направиме она што е во наши ингеренции, но очекуваме Европа да ги среди сопствените редови, односно да го среди сопственото прашање на долгот во пооделни држави и неконкурентноста на одредени периферни економии.-рече Ставрески.

Министерот за финансии посочи дека земјата останува ориентирана кон обезбедување финансиски средства од надвор под поволни услови, иако, како што рече, пазарот на капитал станува се поризичен.

-Ние работевме напорно во изминатиот период со Светската банка која што ќе ни помогне во насока на намалување на трошоците за обезбедување на тие средства во висина од 130 милиони евра под најдобри можни услови, рече Ставрески, кој најави дека до крајот на годината ќе се одржи уште една аукција на долгорочни и краткорочни хартии од вредност.

Лилија Бурунчук, претставник на Светска банка истанка дека во моментов не постојат ризици по Македонија, бидејќи земјата има стабилен макроекономски систем, што го покажа преку доброто менаџирање на банкарскиот и финансискиот сектор во изминатите десет години.

-Земјата има добра основа да се справи со евентуални неочекувани шокови во иднина. Светска банка заедно со Владата и останатите партнери како што е ММФ, ја следи ситуацијата одблиску. Заеднички заклучок е дека макроекономската политика на земјата е правилна и не гледаме поголеми проблеми, меѓутоа се зависи од тоа како ќе се развива ситуацијата во Европа и затоа заедно ќе работиме на изнаоѓање соодветен одговор доколку за тоа има потреба.– изјави Брунчик.

Ставрески и Бурунчук денеска во Охрид учествуваа на Регионална конференција на која беше промовиран концептот на „Европа Ре“ за развојот  на пазарите на осигурување од невреме и катастрофални ризици во Југоисточна Европа.

OhridNews