Поголеми плати во јавниот сектор од годинава и поголеми пензии и социјална помош од следната година предвидува буџетот за 2015 година, кој помина синоќа на владина седница, информира вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој го презентираше Предлог буџетот за догодина.
Според него, од ноември годинава со исплатата на октомвриската плата примањата во јавната администрација ќе се покачат за 4 проценти. Од јули со јунската исплата социјаната помош ќе се покачи за 5 отсто, додека пензиите од октомври со исплатата на септемвриската пензија ќе се зголемат исто така за 5 отсто.
Буџетот за 2015 година како што истакна вицепремиерот Ставрески е во функција на исполнување на приоритетите на оваа Влада, а тоа се поддршка на стопанаството и приватниот сектор опреку капитални инвестиции, но и стандардот на граѓаните.
Буџетот за 2015 година е проектиран на раст од 4 отсто на БДП, инфлација на ниско ниво од 2 отсто и буџетски дефицит кој е понизок од годинашниот и изнесува 3,5 отсто. Вкупните приходи за следната година се проектирани за 5 отсто повисоки од оваа и ќе изнесуваат 163 милијарди и 280 милиони денари, додека расходите се повисоки за 4 проценти и ќе изнесуваат 181 милијарда 777 милиони денари.