„Сахара Индија Паривар“ ја потврди решеноста и способноста да го реализира проектот во Република Македонија во делот на туризмот во Љубаништа, онакак како што е предвидено со сите сегменти кои ги создржи“-изјави вицепремиерот Зоран Ставрески по неколкучасовната средба на владиниот тим со претставници на компанијата на индискиот бизнисмен Субрата Рој, што се одржа вчера попладне во хотелот „Инекс Горица“.
На средбата се разговарало и за други потенцијални проекти во земјоделството и филмската индустрија.
-И од наша и од нивна страна формирани се тимови од различни области кои што ќе го движат овој процес напред. Се надеваме дека некаде во текот на следната година ќе имаме реализација на терен, односно ќе отпочнат градбите кои што ќе овозможат нови работни места, нови инвестиции, економски ефекти за Охрид, но и пошироко за Република Македонија.-истакна Ставрески.

Зоран Ставрески
Во врска со барањето на „Сахара Индија Паривар“ да се обезбедат дополнителни 17 хектари земјиште за потребите на работната сила која ќе биде ангажирана на изградбата на комплексот во Љубаништа, Ставрески рече дека проектот ќе се реализира во рамки на првичната проекција.
-Архитектите утврдија дека нема потреба од дополнително земјиште и дека во рамките на тоа што првично проектирано може да се акомодираат сите нивни потреби и на тој начин ќе се реализира проектот.-додаде Ставрески.
Тој истакна дека претстојат доста работи да се завршат околу урбаното планирање, експропријација и договори со сопствениците на земјиштетот, тендерирање, еколошка заштита и друго.  До сега не било контактирано со Македонската православна црква која има голем имот во Љубаништа каде е планирано да се гради туристичкиот ресорт на Субрата Рој, затоа што, како што истакна Ставрески, се прецизирал опфатот на проктот.
-Сега кога тоа го имаме ќе пристапиме кон разговори со МПЦ бидејќи тие поседуваат голем дел од земјиштето и секако е значајно да постигнеме со нив договор околу тоа, верувам дека ќе се најде решение во рамки на постоечките законски прописи.-изјави вицепремиерот Ставрески.
Г.М.