Екс премиерот Никола Груевски, кој бара политички азил во Унгарија, треба да ја отслужи затворската казна во својата земја, изјавил претставник на американскиот Стејт департмент за порталот „Политико.еу“.

„Во правен и транспарентен процес Никола Груевски беше осуден на две години затвор од македонскиот суд за злоупотреби на службената должност. Пресудата беше потврдена и од други судски инстанци“, вели високиот претставник.

Тој додава дека дополнително Груевски е обвинет во уште четири кривични предмети, чиишто постапки треба да продолжат.

„Сметаме дека судските постапки во Македонија треба да продолжат, а Никола Груевски да одговара пред македонскиот правосуден систем“, вели неименуваниот претставник на Стејт департментот за „Политико.еу“.