По барање на Управата за јавни приходи, отворена е стечајна постапка за акционерското друштво „Емо“ од Охрид. УЈП побарала стечајна постапка затоа што АД „ЕМО“ и должи поголема сума на пари од неплатен данок и придонеси.

Информацијата ја потврди и претседателот на синдикатот на ЕМО, Миле Крстаноски кој за OhridNews изјави дека навреме биле информирани за тековните случувања околу акционерското друштво и дека стечајната постапка била отворена на 21-ви декември 2016 година.

Од страна на Основниот суд- Охрид назначи е стечаен управник, Коле Волчевски од Битола. Доверителите имаат рок од 15 дена од објавувањето на решението во Службен весник да ги пријават побарувањата. Датумот на испитното и извештајно рочиште е осми февруари.

Крстаноски нагласува дека нивните барања остануваат исти-исплата на заостанатите нето плати до 31-ви декември 2016, како и исплата на придонесите за пензиско осигурување.

УЈП и во 2013 година побара стечај за ова акционерско друштво во кое тогаш работеа 40 фирми. Само четири друштва од нив заедно со матичното друштво „Емо“ продолжија да работат. „Емо“ е повеќегодишен загубар и е во доминантна државна сопственост.