На необичен и оригинален начин, охриѓанецот Стефан Николоски ќе ја одбележи нераскинливата врска со фудбалскиот клуб Барселона, која трае повеќе од две децении. Идејата за одбележување на јубилејот со спортската љубов дошла спонтано, а се поклопува со неговиот 34. роденден. Исечоци од весници, врамени дресови, безвременски сувенири купени или добиени на подарок од Ноу Камп и други вредни „ситници“ се изложени во Кафе и бар „Шила“.

Мојата приказна со Барселона започна благодарание на Ноу Камп и магијата која ја поседува овој култен стадион. Прв пат кога како дете гледав фудбал на телевизија, го видов Ноу Камп и се заљубив. Стадионот беше посебен, а Барселона играше маестрално. Потоа, со нетрпение го чекав секој нов натпревар и љубопитноста ми премина во симпатија, што до ден денеска ја имам кон Барселона. Не ми беше наметнато да навивам за Барселона, бидејќи мојот татко беше страстен симпатизер на Јувентус. Сакав да бидам различен од моите другари, кои во тоа време навиваа за Баерн Минхен, Интер, Милан, Јувентус, Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид. – рече Стефан Николоски на почетокот од разговорот за OhridNews.

Изложбата во Кафе и бар „Шила“ ќе трае до 7 февруари (недела). Сите навивачи на Барселона и останатите клубови ќе можат да разговараат со Стефан, кој пак, е отворен за соработка и помош на секој кој ќе тргне по неговите стапки.

Моето прво „парче“ во архивата е ставено на мои 12 години. Најчесто се снабдував со постери и исечоци од весници, кои татко ми секогаш ми ги чуваше. Мојот најдраг спомен во богатата архива ми е дресот од родителите, кои ми го купија од стадионот Ноу Камп на 100-годишната од Барселона. Сите реквизити кои ги имам купено или добиено како подарок веднаш ги складирам. Маичките и дресовите ги носам, а потоа ги врамувам и добиваат свое место во архивата. Сакам да изразам голема благодароност до стакларата „Џам Комерц“, која секогаш позитивно одговора на моите барања. – рече Николоски.

Омилен фудбалер од Барселона на Стефан не му е Лионел Меси, туку Карлес Пујол. Фудбалерот кој долги години беше капитен на Барселона во текот на кариерата му оставил најсилен впечаток на нашиот соговорник. Втората позиција ја делат продуктите од славната школа „Ла Масија“, Чави Ернандез и Андрес Иниеста, а на третата се Меси и бразилецот Роналдињо. Потоа следуваат Серхио Бускетс, Жерар Пике и останати играчи, кои биле дел од неколкуте шампионски генерации на Барселона.

Подемите и падовите, како и победите и поразите, се составен дел од еден спортски колектив. Стефан посебно уживал во победите во финалните натпревари во Лигата на шампиони против Манчестер Јунајтед во Рим и Лондон и над Јувентус во финалето во Берлин. Ги издвојува триумфот 5-0 против Реал Мадрид кога дебитираше Жозе Мурињо во „Ел класико“, дуелите и кам-бекот против Пари Сент Жермен на Ноу Камп, кога каталонците со победа од 6-1 ја анулираа предноста на французите 4-0 од првиот натпревар. Помеѓу горките моменти му се трансферот на Луис Фиго во Реал Мадрид, елиминацијата од Јувентус во 2000 година кога погодок постигна Залајета во дополнителното продолжение, елиминацијата од Интер предводен од Жозе Мурињо кога по пласманот на „нероазурите“ во финалето на Лигата на шампиони на Ноу Камп се вклучија прскалките додека гостите го славеа големиот успех и поразот од Ливерпул на Енфилд 4-0 и прокоцканата предност од три погодоци.

 

За крај, Стефан посакува да ја гледа во живо Барселона уште еднаш, но ривал да и биде Реал Мадрид и на теренот да биде Лионел Меси. До сега, каталонците ги гледал два пати. Еднаш против Баерн Минхен, а вториот против Бетис.

 

OhridNews