Репрезентативецот на Македонија, Стефан Ристовски кариерата ќе ја продолжи во Португалија, откако направи трансфер во Спортинг Лисабон. Десниот бек во редовите на Спортинг се пресели од Ријека, а трансферот крена многу прашина и тензии меѓу двата клуба и играчот.
– Среќен сум што заврши трансфер сагата околу мене, бидејќи ми создаваше преголем притисок. Жал ми е што се разделив со Ријека на таков начин, но вистината секогаш има две лица. Зборовите на претседателот Мишковиќ не се сите точни, бидејќи јас на сакав да заминам, како што тој изјави медиумите. – истакна Ристовски и додаде. – Никогаш клубот не ми понуди нов договор, туку секогаш се зборуваше за мој трансфер. После сите тие разговори мене ми стана јасно дека јас во клубот немам иднина. Јавно ставив до знаење и минатата сезона дека сакаат да ме продадат и да заработат на мене, а нажалост тоа и се случи. Спортинг сериозно загриза за мене и работата ја заврши после првиот натпревар со Салзбург, а официјализирано беше по завршување на двомечот.
Пред заминување од Ријека, Ристовски бил изолиран од екипата и тренирал самостојно. – Сам трчав и плачев кога ме тргнаа од останатите играчи и ми наредија да трениранм сам. Тешко ми падна таквиот потег, бидејќи не сакав на таков начин да се разделам од клубот, кој вечно ќе го паметем. Не сакав спектакуларно испраќање, но сакав како вистински спортист да заминам. – потенцираше фудбалерот.
OhridNews