Во најновиот извештај на американскиот Стејт департмент за човековите права, на македонската Влада и се забележува дека се меша во работата на медиумите и дека се пресметува со политичките противници.

Како што стои во резимето на делот посветен на земјава, најкритичен проблем со човековите права е владиниот неуспех целосно да го почитува владеењето на правото.

Тоа се одразува во нејзиниот неуспех да ги следи парламентарните процедури, мешањето во судството и медиумите, селективното гонење на политичките противници на лидерите во државата, како и значителните нивоа на владина корупција и полициска неказнивост.“ – стои во резимето на денеска објавениот глобален извештај за човековите права.

Исто така, во извештајот се наведува дека фаворитизмот, неефикасноста и корупцијата го забавиле процесот на делење на правдата,  а напнатоста меѓу заедниците на етничките Македонци и Албанци, како и дискриминацијата кон Ромите, создаваат дополнителна загриженост.

Во резимето се спомнува и малтретирање на притвореници и затвореници од страна на полицајците и затворските чувари, лоши услови и преполнетост на затворите и менталните институции, забавен пристап до правен совет за притворените и обвинетите, ограничени посебни права за Ромите, ограничен пристап до азил, домашно насилство врз жените и децата, детска проституција, дискриминација против жените и лицата со посебни потреби, како и малтретирање на пациенти во психијатриските болници.

OhridNews