Се работи на целосно нов Закон за угостителска дејност каде се предвидени задолжителни одредби за контрола и кривична одговорност доколку некој несовесно врши угостителска дејност, информираше на денешната прес конференција директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Влатко Стојкоски.

Во моментот се изготвува нов Закон за угостителска дејност по кој ќе следи и нов Правилник за угостителските објекти по кој ќе постапува ДПИ. Ќе има сериозно поригорозни мерки, се предвидуваат задолжителни надзори и кривична одговорност за сопствениците доколку прекршат некои од тие одредби, односно да работат без лиценца. Угостителскиот сектор може и мора да биде пример за легален, одговорен и конкурентен бизнис, рече Стојкоски.

Од 1 ноември 2024 година до 15 јуни годинава, ДПИ извршил вкупно 17.359 надзори на ниво на цела држава и издадени се 4.542 платни налози во вкупна вредност од 110 985 483 денари.

Во овој период спроведовме широк опсег на редовни и вонредни надзори на територија на цела држава. Работевме на терен, присутни таму каде што системот пред нас толерирал хаос, неправди и сива економија. Нашата работа не беше селективна, секој објект без разлика на локација и сопственост беше еднакво подложен на контрола. Фокусот беше троен – спречување на нерегистрирани објекти и работа без лиценци, заштита на потрошувачите од несоодветни услови и подигнување на нивото на почитување на законските одредби. За разлика од минатото кога контролите беа алатка за притисок или селективна правда денес ДПИ работи по принципот на професионализам. Нема повеќе за свои се е доволено, а за другите казни, рече Стојкоски.

Врз основа на посточкиот Закон за угостителска дејност извршени се вкупно 2.675 надзори и издадени 879 прекшочни платни налози и 79 решенија за привремена забрана за вршење на дејност.

Во периодот  од 17 март до 15 јуни годинава извршени се 1 713 надзори и издадени се вкупно 716 прекшочни налози и 60 решенија за привремена забрана за вршење на угостителска дејност. Немање лиценци за работа, неисполнување на минимално технички услови, пречекорување на работно време, се само дел од неправилностите кои беа констатирани, додаде Стојкоски.

Воедно, одговарајќи на новинарско прашање посочи дека по укинувањето на мерките за ограничување на маржите и замрзнување на цените, кое заврши на 30 април, се забележува умерен раст на цените во малопродажба, додека во големопродажба тие се враќаат на нивото од пред мерките.

Н.С.Ј.