Ракометарите на Охрид ја остварија целта во Битола совладувајќи го Пелистер со 25-19 во третата рунда од Супер лигата. „Гладијаторите“, со добра игра во двата правци во второто полувреме го „скршија“ домашниот состав и стигнаа до втората победа во третиот меч сезонава во македонската ракометна елита.

Предводникот на Охрид, Раде Стојановиќ во изјава рече дека средбата во Спортската сала „Боро Чурлевски“ се одвивала како што очекувал, а важна улога во триумфот на охридскиот состав имале тимскиот дух во екипата, убавата атмосфера и поголемата ротација.

Натпреварот започна и се движеше онака како што очекувавме и подготвуваме. Пелистер носен од домашниот терен многу добро ни парираше додека ние ја баравме играта.  Во првиот дел, одбраната играше беспрекорно а нападот имаше некои ситни грешки. Во продолжението нападот го крена нивото на игра а одбрана продолжи во исто темпо и дојде разликата на семафорот и победата. Тимскиот дух, поголемата ротација на клупата и поддршката од навивачите кои дојдоа во завиден број беа нашиот адут во Битола. Од денеска комплетно сме насочени кон следниот противник, Радовиш, кој покажа добар квалитет во првите три натпревари во Супер лигата. – рече Стојановиќ.

Охриѓани мечот со Радовиш во четвртата рунда од шампионатот ќе го одиграат в сабота. Терминот дополнително ќе го соопштат од охридскиот ракометен клуб.

OhridNews

Фото: 24ракомет

Охрид фаќа залет во Супер лигата

Обновено: Меч без грешка на Охрид за триумф во Битола! (видео)