Локалната самоуправа предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги остава граѓаните на Охрид без можност за бесплатно паркирање, велат од општинската СДСМ.

– Додека СДСМ ја водеше локалната власт во Охрид, од ВМРО-ДПМНЕ редовно критикуваа дека наводно, секој слободен паркинг простор се наплатувал. Својствено за ВМРО-ДПМНЕ тоа воопшто не беше точно. Реалната ситуација тогаш беше дека постоеше слободен паркинг простор на кој што граѓаните и гостите можеа бесплатно да паркираат. Денес, локалната власт, предводена токму од ВМРО-ДПМНЕ почна да наплатува паркинг и на просторот на кој можеше слободно да се паркира. Примери за тоа се воведувањето на наплата за паркирање кај поранешниот Градски полигон и кај Центарот за Обука на вода, рече на денешната прес конференција, Јован Стојаноски од СДСМ Охрид.
 
Стојаноски додаде дека во екот на туристичката сезона, Охрид е се уште град без театар, без затворен базен, без пешачка патека од мостот до Горица, без соодветен зелен пазар, автобуска станица, без контејнери , без среден и функционален режим на сообраќај и јасна стратегија за развој на туризмот.

– Да е трагедијата уште поголема, Охрид во екот на туристичката сезона е град без туристи, потенцира Стојаноски.

OhridNews