Ние не сме против референдум, не сме против да се донесе одлука против градење станови за бегалци, но не можеме да гласаме за референдум во ситуација кога за тоа нема потреба, изјави денес координаторот на советничката група на СДСМ, Јован Стојаноски. На прес конференцијата што ја одржа Стојаноски на ден пред одржувањето на седницата на советот на чиј дневен ред е токму предлог одлуката за распишување на референдум на локално ниво, како што претходно беше кажано од страна на советниците од ВМРО ДПМНЕ, поради плановите на актуелната власт за градење станови за згрижување бегалци, координаторот на СДСМ потенцира дека нивните советници ќе гласаат воздржано.
– Меѓутоа доколку се донесе одлука во секоја општина да се спроведе референдум, со оглед на тоа дека мнозинството советници е на страната на ВМРО ДПМНЕ, ние како СДСМ ќе го повикаме членството и граѓаните да гласаат против наводната одлука за градење станови за бегалци, вели Стојаноски.
Според него, ВМРО ДПМНЕ најпрво ги заплашуваше граѓаните со албански платформи, двојазичност, а сега се обидуваат тоа да го направат со некакво населување на бегалци во Македонија.
– Во моментов низ Македонија ниту поминуваат бегалци, а најодговорно изјавуваме дека ниту некој ќе гради станови за сместување на бегалци. Станови ќе има, но за македонските граѓани кои се социјални случаи, не за измислени бегалци. Граѓаните видоја дека пред околу година дена повеќе од милион бегалци доаѓаа преку Грција и ги ризикуваа своите животи за што побрзо ја напуштат територијата на Македонија. Нашата држава е само транзитна попатна станица на нивниот пат кон запад. Според тоа, апсурдна е предлог одлуката за распишување на референдум за стратегијата за бегалци која локалната власт на ДПМНЕ и Бакрачески сакаат да ја наметнат токму на денот на локалните избори, рече Стојаноски.
Тој потенцира дека правото на граѓаните за организирање референдум е неприкосновено и во секој случај почитувано, но истото треба да се користи за прашања кои се од витален интерес за граѓаните, а не за лажни измислени и бесмислени ситуации. Додаде дека стратегијата која се спомнува е истата стратегија која ВМРО ДПМНЕ, ја носело во изминатите години и е задолжителна за државата под влијание на меѓународните конвенции.
OhridNews












