Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој денес се обрати пред пратениците и Владата, искажа воодушевување од напредокот на Македонија по 27 Април и упадот во Собранието. Тој кажа дека земјите членки се воодушевени од тоа колку Македонија била посветена да се приклучи кон НАТО. Столтенберг рече дека е добро да се биде амбициозен, но мора да се биде реален.

“Настаните во оваа зграда во април минатата година, ме шокираа. Тоа беше шок за сите членки на НАТО. Но, ние сме импресионирани од тој ден натаму. Сакам да го признаам напредокот кој сите го направивте. Ми се допаѓа оптимизмот и истрајноста. Јас ги разбирам предизвиците кои ви стојат на патот. Во мојата кариера научив дека каде што има инклузивност има и истрајност. Принципите на слбоода и владеење на правото, го дефинитираат битието, за тоа што е оваа земја и НАТО денес. НАТО покажа дека патот за да се приклучите кон алијансата е отворен за земји кои оние кои ги исполнуваат принципите на договорот од Вашингтон“, рече Столтенберг.

Столтенберг пред пратениците и Владата рече дека од држава пред пропаст, Македонија е функционална земја. Земајќи ги в превид настаните од пред 9 месеци, каде што, според него, Македонија била на работ од една карпа, сега се отворени повеќе врати, кон нова и просперитетна иднина, кон ЕУ и НАТО.

Столтенберг од собраниската говорница им порача на пратениците дека тие не се во Собранието за да носат закони, туку Македонија да ја направат слободна и демократска земја. Тој се обрати и на опозицијата која и порача дека мора да биде конструктивна, за да има напредок во целиот процес. Според генералниот секретар на НАТО, голем чекор е и договорот меѓу Македонија и Бугарија.

„Има уште многу работа. Мора да се реши проблемот со името на оваа земја, прашање кое е отворено премногу време. Ве поттикнувам да ја искористите оваа шанса да се приближите напред. Членството во НАТО е многу повеќе од решавање на спорот со името. Честитам за планот 3-6-9, измените во законите, напредокот на транспарентноста и одговорноста, судските реформи и надзорните тела. Се надеваме дека ќе видиме сличен напредок и во областа на медиумите. За нас е важно да видиме како инвестирате и во одбраната, бидејќи ние сме воена алијанса, која работи на заедничка одбрана. Вратата на НАТО е отворена за нови членови, но преминувањето на прагот бара премногу работа. Подобрувањето на одбраната, инвестициите, образованието за одбрана, се дел од клучните работи. Бидете транспарентни со реформите кои ги спорведувате“, рече Јенс Столтенберг.

Столтенберг ги потсети пратениците и јавноста дека во 2001 и 2002 година, НАТО дала значителен придонес во безбедноста и стабилноста на оваа земја. Тој потенцираше дека сега НАТО има советодавна улога, а цели кон тоа Македонија да биде просперитетна и слободна држава.

OhridNews
Макфакс